Иако берзанскиот индекс МБИ10 во првите шест месеци од годинава загуби речиси 10 отсто од вредноста, одделни акции остварија двоцифрен раст. Во исто време, други изгубија повеќе од една петтина од својата пазарна вредност.
Најголем добитник во првото полугодие е РЖ Техничка контрола. Просечната цена на акцијата се зголемила од 650 на 760 денари, што претставува раст од 16,92 насто. Не се чести берзанските тргувања со оваа акција. Во изминатите 52 недели регистрирани се 12, а последното е во февруари кога биле купени 50 акции. Многу повеќе акцијата е застапена во редовните статистики на нетрговските трансфери.
Веднаш зад неа на ранг-листата е Адинг, чии акции поскапеле за 14,46 насто, од 2.400 на 2.747 денари. Последната берзанска трансакција е реализирана на 14 јули, а во изминатите 52 недели со акцијата се склучени 73 трансакции.
Од 16 денари колку што чинела на 30 декември, акцијата на Попова Кула достигнала 18 денари на 30 јуни. Растот од 12,5 насто ѝ го обезбедил местото на средината од позитивната табела. Слабиот инвеститорски интерес за винската акција е забележан со 9 трансакции во 52 недели.
Акцијата на ОКТА поскапе за 12,04 насто – од 4.900 на 5.490 денари. Последното тргување е реализирано на почетокот на јули, а во последните 52 недели се евидентирани 87 трансакции.
Петтото место меѓу добитниците ѝ припаѓа на Аутомакедонија. Акцијата ја следи нагорно движење од 10,58 насто, со што просечна цена се поместила од 3.120 на 3.450 денари. Во последните 52 недели се реализирани само девет трансакции, а последната е на 1 јули.
На спротивната страна е Македонијатурист, чии акции забележаа најголем пад на Официјалниот пазар. Просечната цена се намали од 9.847 на 7.000 денари, односно за 28,91 отсто. Во редовното тргување во последните 52 недели се реализирани 75 трансакции со 7.947 акции, додека само преку две блок-трансакции на 12 јуни сопственик смениле 93.037 акции.
По неа следува Макошпед, со пад од 25,32 отсто. Просечната цена се намалила за 60 денари – од 237 на крајот од декември на 177 денари на крајот од јуни. Со оваа акција се тргувало само еднаш во текот на 52 недели.
Од 9.621 денар цената се спуштила на 7.300 денари – во период од половина година акцијата на ВВ Тиквеш од вредноста изгубила 24,12 отсто. Берзанските трансакции со оваа акција не се многубројни – во последните 52 недели се реализирани 46 купопродажби.
Меѓу најголемите губитници е и Стопанска банка Скопје, со акција поевтина за 23,71 отсто. Цената на банкарската акција опаѓа пет месеци по ред, а резултатот е – на 30 декември чинела 2.621,6 денари, а на 30 јуни 2.000 денари. Во меѓувреме (52 недели), извршени се 952 купопродажби.
Листата ја заокружува ТТК Банка со пад од 21,21 отсто. Од 1.650 на просечни 1.300 денари за акција. Интересот за акцијата на малата банка се манифестира со 258 тргувања (52 недели).
Високиот процентуален раст не мора да значи и голем инвеститорски интерес. Дури четири од петте акции со најголем раст се меѓу поретко тргуваните на Македонската берза. Наспроти тоа, меѓу најголемите губитници се најдоа и ликвидни акции, како Стопанска банка Скопје и ТТК Банка. Берзанската статистика покажува дека цената може значително да се помести и без масовно тргување, но и да падне кај акции со континуирана висока активност.
Аналитика








