ПОВЕЌЕ

    Србија го доби првиот технолошки „еднорог“ – стартапот Оминимо вреди 1,6 милијарди долари

    Време зa читање: 3 минути

    Стартапот за автомобилско осигурување Ominimo Insurance, основан од српски претприемачи, а со седиште во Будимпешта, достигна проценка од 1,6 милијарди долари по успешно затворената инвестициска рунда од Серија Б, предводена од инвестицискиот фонд на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Со тоа компанијата стана првиот технолошки „еднорог“ (unicorn) од Србија, пишуваат The Recursive, EU-Startups и други специјализирани европски медиуми.

    Со оваа проценка Оминимо влезе во групата на таканаречените „еднорози“ – приватни стартап компании чија пазарна вредност надминува една милијарда долари. Терминот се користи за исклучително ретки и брзорастечки компании кои достигнуваат висока вредност пред да излезат на берза. Во технолошката индустрија постојат и повисоки категории: „декакорн“ (decacorn) се компании проценети на повеќе од 10 милијарди долари, а „хектокорн“ (hectocorn) се стартапи чија вредност надминува 100 милијарди долари. Меѓу нив, во различни периоди, се вбројува и SpaceX, чија проценка во последните инвестициски рунди надмина 100 милијарди долари.

    Според објавата на LinkedIn, новите средства Оминимо ќе ги искористи за забрзување на експанзијата низ Европа, отворање нови деловни линии и подготовка за влез на американскиот пазар во 2027 година.

    Иако компанијата не го објави официјално износот на инвестицијата, повеќе медиуми наведуваат дека инвестициската рунда изнесува околу 22,5 милиони долари (20,1 милион евра), додека проценката на компанијата достигнала 1,6 милијарди долари.

    Оминимо е основана во 2024 година од Душан Комар, Ласло Хорват и Денис Вајнбендер. Развојниот тим е лоциран во Србија, додека компанијата работи од Будимпешта и денес е присутна на пазарите во Унгарија, Полска, Холандија и Шведска.

    За нешто повеќе од две години компанијата достигна речиси еден милион клиенти, а годишната бруто полисирана премија надминува 350 милиони долари. Според компанијата, Оминимо работи профитабилно, што е редок случај за стартап кој толку брзо расте.

    Компанијата развива дигитално автомобилско осигурување со помош на вештачка интелигенција, машинско учење и сопствени модели за анализа на ризик. Наместо традиционалните методи, алгоритмите обработуваат голем број податоци за возачите и возилата, со што овозможуваат попрецизна проценка на ризикот и индивидуално формирање на цената на полисите.

    Во 2025 година Цирих Иншуренс Груп стекна малцински удел во Оминимо и стана стратешки партнер, кога компанијата беше проценета на околу 200 милиони евра. Само една година подоцна нејзината вредност седумкратно се зголеми на околу 1,4 милијарди евра, односно 1,6 милијарди долари.

    Со новата инвестиција Оминимо планира да добие сопствена лиценца за осигурување, да се прошири на нови европски пазари, меѓу кои во Белгија, Романија, Шпанија, Италија и Франција,  во 2027 година да започне со работа и во САД.

    (Фото: Душан Комар / LinkedIn)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично