Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ предизвика реакции уште пред да започне собраниската расправа. Спорен е начинот на кој е предвидено да се управува со проектот и со јавните средства, особено поради предложеното основање посебна фондација која би била одговорна за реализацијата и можноста таа да има посебен режим во однос на постојните правила за јавни набавки.
Или, додека предлагачите сметаат дека посебниот закон е неопходен за ефикасна реализација на европскиот проект, критичарите бараат дополнителни гаранции дека титулата нема да стане причина за намалување на контролата врз трошењето на јавните пари.
Опозициските партии СДСМ и Левица го оспорија предлогот, додека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) предупреди дека секое ограничување или исклучување на примената на системските закони, особено Законот за јавни набавки, мора да биде детално образложено и проследено со силни механизми за контрола.
Според предлог-законот, целта е да се создаде посебна правна рамка за организација и спроведување на проектот, со оглед на сложеноста на обврските што произлегуваат од титулата „Европска престолнина на културата“. Во образложението се наведува дека постојниот систем не обезбедува доволно можности за повеќегодишно финансирање, брза реализација на активности, користење на јавни и приватни простори и привлекување европски и меѓународни средства.
Фондација со повеќегодишно финансирање
Едно од главните решенија во предлогот е основање на Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, која треба да биде субјект одговорен за реализација на проектот.
Фондацијата, според предложеното решение, би имала автономност во организацијата и работењето, но и механизми за надзор, отчетност и контрола. Финансирањето би се обезбедувало од Буџетот на државата, Буџетот на Град Скопје, буџетите на скопските општини и други општини каде што ќе се реализираат активности, како и преку европски фондови, донации и спонзорства.
Во предлог-законот се наведува дека проектот треба да овозможи развој на културниот сектор, привлекување туристи и создавање долгорочно културно наследство и по завршувањето на 2028 година.
СДСМ: 21 милион евра без тендери
СДСМ реагираше дека предложениот закон отвора можност за трошење на околу 21 милион евра јавни средства без примена на Законот за јавни набавки.
„Подготвиле закон со кој 21 милион евра јавни пари ќе можат да се трошат без примена на Законот за јавните набавки, без тендер, преку основање фондација што наводно треба да го реализира проектот“, соопшти СДСМ.
Од партијата предупредија дека изземањето на една фондација од системот на јавни набавки може да создаде преседан кој во иднина би можел да се користи и за други проекти.
Левица отвори прашање за именувањето на директорот
Левица, пак, реагираше и за именувањето на Марјан Цветковски за директор на фондацијата која треба да го реализира проектот.
Од партијата тврдат дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го назначил Цветковски на функција во фондација која сè уште не е основана.
Според нив, тоа отвора прашање врз основа на кое законско овластување е направено назначувањето, бидејќи според предлог-законот директорот треба да биде именуван од Управниот одбор на фондацијата.
„Управен одбор сè уште не може да постои, бидејќи Фондацијата не е основана со закон“, наведуваат од Левица.
ДКСК: Не смее да се загрозат транспарентноста и конкуренцијата
ДКСК укажа дека интегритетот, законитоста, транспарентноста и отчетноста при трошењето на јавните средства мора да останат основен принцип, без оглед на институционалната форма преку која ќе се реализира проектот.
Антикорупциската комисија посочи дека секое законско решение со кое се ограничува примената на системски закони, особено Законот за јавни набавки, мора јасно да ја објасни неопходноста од таквиот чекор, јавниот интерес и начинот на кој ќе се спречат злоупотреби.
Од ДКСК потсетуваат дека Законот за јавни набавки обезбедува однапред утврдени правила, конкуренција, еднаков пристап за економските оператори, надзор над постапките, правна заштита и механизми за спречување судир на интереси.
Комисијата дополнително нагласи дека носењето закони по скратена постапка со кои се заобиколуваат системските закони е препознаено како висок ризик од корупција во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030.
Скопје ја доби титулата Европска престолнина на културата за 2028 година, а проектот треба да опфати уметнички продукции, фестивали, изложби, образовни програми и активирање на културни простори. Сепак, уште пред неговата реализација, најголемиот предизвик се помести од културната програма кон начинот на управување со средствата.
Аналитика








