ПОВЕЌЕ

    ГТЦ конечно излезе од минус: Заработи 66.500 евра

    Време зa читање: 2 минути

    По годините завршени со загуба, акционерското друштво Градски трговски центар конечно повторно е во позитива. Во првите шест месеци од годинава остварена е нето-добивка од 66,5 илјади евра.

    Тоа претставува пресврт, зашто само ланскиот минус изнесувал 298,9 илјади евра. А, според достапните податоци, од 2021 и заклучно со 2025 година се акумулирани загуби од речиси 2,4 милиони евра.

    Во првото полугодие приходите достигнале 2,2 милиони евра, а на годишно ниво ги следи седумпроцентен раст. Најголем придонес имаат паркинзите и сообраќајните услуги, од кои се инкасирани 338,5 илјади евра, за 10 проценти повеќе од ланскиот споредбен период. Зголемени се и приходите од комунални услуги, кои надминале 908 илјади евра, како и финансиските приливи, каде што е регистриран скок од дури 57 проценти, а сумата е 66,7 илјади евра.

    Закупот на деловен простор, кој е еден од најважните извори на пари, обезбедил приходи пониски за девет проценти, со износ од 187,6 илјади евра. Меѓутоа, конференциските капацитети и кугланата имале поголема искористеност и донеле 9,3 илјади евра – за 9 проценти повеќе отколку во шестмесечниот период од минатата година,

    Во ставката расходи е заведен износ од 2,1 милион евра (+ 9 %). Најголем товар за друштвото се енергетските трошоци од 669,5 илјади евра. За плати и придонеси во ова шестмесечие се издвоени речиси еден милион евра.

    Од ГТЦ посочуваат дека добивката е намалена поради дополнителните камати за задоцнето плаќање на топлинска енергија од претходната година, исплата на јубилејни награди за вработените и усогласувањето на платите со законските измени за минималната плата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично