Македонска берза ја заврши 2025 година со послаби финансиски резултати во споредба со претходната година. Падот забележан во главниот извор на приливите од берзанските активности се одразил врз приходите кои изнесуваат 1,09 милиони евра и врз профитабилноста – добивката се намалила за 42,45 отсто. Од 361 илјада на 207,3 илјади евра.
И покрај ова, Берзата ќе исплати бруто дивиденда од 3.000 денари по акција. Сепак, поради намалената заработка, се намалила и добивката по акција. Од 7.948 денари во 2024 година, таа се спуштила на 4.566 денари во 2025 година, што е пад од 42,55 отсто.

Според ревидираните финансиски извештаи што ги објави ова акционерско друштво, најголемата тежина во приходната структура ја носат провизиите и надоместоците, кои се намалени за 15,69 отсто, на 881 илјада евра.
Во тие рамки, најголемото намалување од 26,07 отсто е регистрирано кај приходите од надомест за тргување – од 750,1 илјада на 554,6 илјади евра.
Истовремено, приходите од котација пораснале за 18,72 насто и достигнале 197,7 илјади евра, приходите од дистрибуција на берзански податоци за 3,21 насто (64,9 илјади евра), а приходите од објави на веб-страницата на Берзата за 10,92 насто (17,5 илјади евра).
НАЈГОЛЕМ ТРОШОК ПЛАТИТЕ И ПРИДОНЕСИТЕ
Иако профитот е значително намален, трошоците за вработените растат и се најголемата ставка на расходната страна.
За плати, придонеси, надоместоци и останати бенефиции Македонска берза лани издвоила 416 илјади евра, што е за 4,10 насто повеќе од 2024 година. Најголем дел од сумата се однесува на нето плати и придонеси – 238,2 илјади евра, проследени со годишен раст од 12,03 насто.
Според извештајот, на 31 декември 2025 година институцијата функционирала со 15 вработени.
Бруто платата и наградите на извршниот директор изнесувале 105,1 илјада евра, за 11,72 насто повеќе од претходната година.
РАСТ НА ВЛОЖУВАЊАТА
Македонска берза ги зголемила своите финансиски пласмани во инвестициски фондови и државни хартии од вредност.
Вложувањата во инвестициски фондови изнесуваат 113,1 илјада евра, со годишен раст од 20,73 насто. Најголем дел од средствата се пласирани во КБ Инвест – 79,5 илјади евра, додека вложувањата во НЛБ фондови се 33,6 илјади евра.
Поголем обем се забележува кај вложувањата во државни хартии од вредност, кои достигнуваат 913 илјади евра. Во овој сегмент има зголемување од 21,6 насто. Структурата е поделена на државни обврзници (507 илјади евра) и државни записи (406 илјади евра).
АКЦИОНЕРИ И ДОБИВКА
Од минатогодишното работење Македонска берза оствари добивка од 207,3 илјади евра. За исплата на дивиденда се издвоени 136,2 илјади евра. Дополнителни 32,5 илјади евра се задржуваат како реинвестирана добивка, а 38,6 илјади евра како акумулирана добивка.
Во акционерската структура има осум акционери со сопственост поголема од пет насто. Најголем поединечен акционер е Загребска берза со удел од 29,98 отсто. Следуваат Шпаркасе банка со 19,52 отсто, Комерцијална банка со 9,99 отсто и Стопанска банка со 9,92 отсто.
Учеството на другите големи акционери се движи од 5,30 до 6,09 отсто. Помалите акционери се застапени со 8,42 отсто.

M.A.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








