ПОВЕЌЕ

    Парите – најликвидно средство или несовршен чувар на вредноста?

    Време зa читање: 3 минути

    Тековните средства, според своите карактеристики, може да се поделат во различни категории врз основа на степенот на ликвидност. Постапката за претворање на вложените пари во компанијата повторно во пари се одвива по следниот редослед:

    ПАРИ – РЕЗЕРВИ – ПОБАРУВАЊА – ПАРИ

    Резервите се најмалку ликвидни средства. Тие се инпути кои се потребни за создавање на нова вредност, а циклусот на претворање на купените резерви повторно во пари е мошне долг и затоа велиме дека тие се најмалку ликвидни тековни средства на компанијата.

    По резервите, според степенот на ликвидност, се наоѓаат побарувањата. Побарувањата се средства кои компанијата ги побарува од своите купувачи врз основа на продадените производи или извршените услуги. Поверојатно е дека овој вид на тековни средства побрзо ќе се претворат во пари за разлика од резервите поради самиот факт дека со нивната наплата се овозможува прибирање на парични средства.

    Парите се најликвидни тековни средства. Тие може да бидат употребувани за вршење на трансакции и претставуваат средство за размена што ја претставува и нивната суштинска карактеристика.

    Парите, според функциите кои ги извршуваат, може да бидат средства за размена (за купување или продавање на добра и услуги), пресметковно средство (за да се измерат сите трансакции и да се прикажат во една унифицирана вредност – во монетарни единици) и како чувар на вредноста.

    Но, дали парите навистина претставуваат чувар на вредноста? Дали нивната прекумерна количина во компаниите значи дека компанијата работи ефикасно? Дали доколку компанијата би ги вложила готовите пари во кое било друго средство би ја зголемила нивната вредност или барем таа вредност би останала иста?

    Високата количина на пари која го надминува потребниот обем за нормално функционирање на компаниите значи дека компанијата неефикасно ги користи своите средства. Од друга страна, дури и во состојба кога инфлацијата е ниска, реалната вредност на парите се намалува и на тој начин парите стануваат несовршен чувар на вредноста.

    Парите имаат силна конкуренција од другите видови средства (опрема, недвижности, земјишта, акции) со кои се чува нивната куповна моќ, меѓутоа, од друга страна, парите претставуваат најликвидно средство со кое се овозможува во секое време купување и продавање на потребните добра и услуги.

    Парите се најликвидни средства, но истовремено несовршен чувар на вредноста што укажува на тоа дека за да се постигнат оптимални резултати потребно е нивно успешно менаџирање.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично