ПОВЕЌЕ

    „ПАРИ“ АНАЛИЗА: КОЛКУ, КАДЕ И ВО КОИ ДЕЈНОСТИ ИМАЛО НАЈМНОГУ ЗАТВОРЕНИ ФИРМИ во третиот квартал?

    Време зa читање: 3 минути

    Во третиот квартал од годинава престанале да постојат 690 фирми. Тие не успеале да ја одржат својата деловна активност. Во 2022 година, пак, деловната приказна ја завршиле дури 6.857 фирми, што значи дека сега за три месеци згаснале само 10 проценти во однос на вкупно затворените во текот на минатата година. Сепак, тоа не е резултат од подобреното работење на компаниите, туку на измените во Законот за трговски друштва, според кои, нема бришење по „службена должност“ на фирмите кои не доставиле завршна сметка за последната деловна година, од страна на Централниот регистар. Па така, ја нема големата февруарска чистка, кога обично се бришеа по 3.000 компании.

    Во трите месеци од претпоследниот годинешен квартал на месечно ниво има слична динамика на затворање фирми.

    Порталот „Пари“ во соработка со „БизнисМрежа“ направи анализа во кои градови и во кои дејности има најмногу затворени фирми во третиот квартал.

    ВО КОИ ГРАДОВИ ИМА НАЈМНОГУ ЗГАСНАТИ ФИРМИ?

    Од 690 загаснати фирми во третиот квартал, 210 се во Скопје, или грубо претставено, секоја трета од сите компании кои ја загубиле битката за опстанок.

    На второто место, со 47 згаснати фирми во деветмесечниот период е Гостивар. Потоа следуваат Тетово со 46, па Битола со 44 и Куманово со 37 затворни фирми.

    Во овие пет градови се затворени вкупно 384 фирми, што е 55,6 отсто од вкупниот број. Исто така, овие градови редовно се појавуваат и како домови на новоотворени компании, но и се последна адреса на затворените фирми.

    ТОП 5 градови по згаснати фирми во третиот квартал од 2023 година

     ВО КОИ ДЕЈНОСТИ СЕ ЗАТВОРИЛЕ НАЈМНОГУ ФИРМИ?

    Трговијата веќе традиционално е област каде што се затвориле најмногу фирми – 191, или вообичаено, речиси секоја трета компанија што ставила клуч на врата е од оваа дејност.

    Потоа, најмногу неуспех доживеале компании од преработувачката индустрија. Се затвориле 83.

    Со малку помалку затворања – 75, се и „други услужни дејности“.

    Веднаш зад нив се објектите за сместување и рестораните, се затвориле 73.

    На петтото неславно место влегоа фирми од „стручни, научни и технички дејности“, каде што 45 ставиле клуч на врата.

    Иако не се во првата петка, вреди да се споменат и компаниите од транспортната дејност и складирање. Тие беа едни од најпогодените во Ковид-кризата. Сега деловната битка ја загубиле 44 компании од оваа дејност.

    Во петте дејности каде што има најмногу затворања на фирмите, згаснале влупно 467 фирми, или 67,7 отсто од сите затворени компании во третиот квартал од годинава.

    ТОП 5 ДЕЈНОСТИ каде имало најмногу затворени фирми во третиот квартал од 2023 година

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично