ПОВЕЌЕ

    Основана е Алта Реал Естате – Давор Мацура го шири бизнисот и на македонскиот пазар за недвижности

    Време зa читање: 3 минути

    Српската Алта Груп и бизнисменот Давор Мацура прават уште еден пробив на македонскиот пазар, овојпат во областа на недвижностите. Новата компанија Алта Реал Естате ДООЕЛ Скопје е основана на 14 август, а регистрирана е како друштво со ограничена одговорност основано од едно лице, со седиште во Општина Аеродром.

    Алта Реал Естате ќе се занимава со изнајмување и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот под закуп (лизинг). Како сопственик, според податоците од Централниот регистар, е запишана Алта Груп ДООЕЛ Скопје, а управител е Татјана Бундало, државјанка на Србија. Таа има неограничени овластувања во внатрешниот и надворешниот промет.

    Основната главнина е утврдена на 5.000 евра, а друштвото е регистрирано како микро субјект со приватна сопственост и домашен капитал. Во регистарот е наведено дека друштвото е основано без уплата или внесување на влог.

    Пријавата за основање е поднесена на 17 август, а одобрена е еден ден подоцна.

    Првото појавување во Македонија на Мацура и на групацијата што ја предводи беше на банкарскиот терен преку Алта Банка Белград која стана сопственик на Стопанска банка Битола. По целосно завршената процедура околу преземањето, банката со безмалку осумдецениска традиција сега работи под името Алта банка Битола. Во моментот, според берзанските податоци, српската банка поседува 95,1805 отсто од вкупниот број обични акции издадени од битолската банка. Последната купопродажба на акции е регистрирана на почетокот од август.

    Во април годинава, пак, во блок-трансакција беа купени 60-те илјади акции на ЗОИЛ Македонија Битола, со што Давор Мацура стана единствениот акционер на осигурителната компанија. Од неодамна централата на компанијата е во Скопје и го носи називот Алта Осигурување.

    Од менувачници до регионална империја: Алта на Мацура ги освојува банките, осигурувањето и трговијата

    Следната голема цел на Алта Груп е Адико. Алта е во партнерска релација со Рајфајзен Банка Интернешенал (РБИ), чијашто понуда за преземање на Адико банка беше прифатена од повеќето акционери. Според договорот, откако ќе завршат сите формалности, на српскиот бизнисмен му се отвораат вратите за влез на банкарските пазари во Босна и Херцеговина и во Црна Гора. Конкретно, Алта Група треба да ги преземе Адико банка Белград, Адико банка Сараево, Адико банка Бања Лука и Адико банка Подгорица. Како што беше најавено од РБИ, преземањето треба да се случи во четвртиот годинешен квартал, а издвојуваето на банките што би ги презела Алта е планирано за втората половина на 2027 година. Инаку, Алта група веќе поседува 9,63 отстто од акционерскиот капитал на Адико.

    Бизнисите на Алта Груп се разновидни – платежни услуги, банки, осигурување, лизинг, градежништво, трговија… Деловна мрежа се шири во регионот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично