
Владата сè уште нема донесено официјална одлука за издавање нова еврообврзница, но задолжување од ваков тип е предвидено во проекциите за 2027 година, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа не потврди дека висината на еврообврзницата ќе изнесува 1,3 милијарди евра, износ за којшто се шпекулираше во јавноста во последниве денови.
„На седницата на Владата сè уште не сме го разгледувале, но излезе како податок за новата еврообврзница која треба да се издаде во 2027 година”, изјави министерката.
Според неа, наредната година државата треба да врати долг од скоро 1,5 милијарди евра – хартии од вредност и кредити, внатрешен и надворешен долг. На тоа се додаваат и државни записи со рочност до 12 месеци, во вредност од околу 1,1 милијарда евра, коишто исто така доспеваат во 2027 година. Кон вкупната сметка се придодава и планираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти, кој дополнително треба да се финансира.
Министерката ги соопшти овие информации на прес-конференција одржана откако Државниот завод за статистика ги објави податоците за растот на бруто-домашниот производ во второто тримесечје од годинава – раст од 4,3 отсто во однос на истиот период лани.
„Имаме забрзување на економскиот раст, а намалување на инфлацијата. Тоа е сликата што се исцртува во економијата”, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи и на позитивни движења во индустриското производство. По силниот раст од просечно 4 проценти во второто тримесечје, трендот продолжил и во јули, кога индустриското производство било зголемено за 1,3 проценти на годишно ниво.
Аналитика








