ПОВЕЌЕ

    НЛБ ФОНДОВИ: Повлекување на пазарите по големиот раст

    Време зa читање: 4 минути

    Минатата недела финансиските пазари повторно беа во знакот на темите поврзани со вештачката интелигенција, инвестициите во дата-центри и технолошката инфраструктура. По исклучително високиот раст на технолошките акции во претходните недели, расположението на инвеститорите во петокот се влоши, па така петочниот пад на индексот NASDAQ беше највисок од април минатата година.

    Индекс Принос за една недела*                (29.05.2026 – 05.06.2026) Принос за оваа година*     (31.12.2025 – 05.06.2026)
    Свет – MSCI World -1,01% +10,18%
    САД – S&P 500 -1,36% +10,35%
    Европа – DJ STOXX 600 -0,50% +7,43%
    Јапонија – Topix +0,33% +16,43%
    Пазари во развој – MSCI Emerging markets -0,74% +25,49%

    *вклучувајќи дивиденди, пресметано во евра

    Извор: Bloomberg

    Во фокусот на интересот остана технолошкиот сектор. Неделата започна многу еуфорично и сите три главни американски берзански индекси (Dow Jones, NASDAQ и S&P 500) забележаа рекордни вредности. Растот главно беше поттикнат од акциите на компаниите од полупроводничкиот сектор и еуфоријата пред претстојната прва јавна понуда на акции (IPO) на компанијата SpaceX, чија пазарна капитализација би можела да достигне речиси 1.800 милијарди долари. Внимание привлече и компанијата Anthropic, еден од најголемите конкуренти на OpenAI, која поднесе документација за прва јавна понуда на акции. И во овој случај се очекува вреднување на компанијата од околу 1.000 милијарди долари.

    Сега да се вратиме на веќе споменатото умерено повлекување на пазарите на акции. Комбинација од неколку фактори придонесе инвеститорите да одлучат да повлечат дел од профитот. Имено, Alphabet најави издавање нови акции во вредност од околу 80 милијарди долари, со кои сака да ја финансира понатамошната изградба на дата-центри и развојот на вештачката интелигенција. Според медиумските извештаи, слична опција разгледува и Meta. Иако компанијата официјално не ја потврди информацијата, веста предизвика дебата меѓу инвеститорите за тоа дали технолошките гиганти во иднина сè почесто ќе го финансираат својот раст со нов сопствен капитал.

    Негативно беа протолкувани и деловните резултати на компанијата Broadcom. Иако компанијата и понатаму бележи брз раст на приходите во сегментот на вештачка интелигенција, инвеститорите не беа задоволни од прогнозите за идниот период. Ова изврши притисок врз поширокиот полупроводнички сектор и послужи како потсетник дека очекувањата од AI-компаниите се поставени многу високо.

    За падот на цените на пазарите на акции, иронично, придонесоа и добрите макроекономски податоци. Пазарот моментално се наоѓа во зона каде што „добрата вест всушност е лоша вест“, бидејќи стабилноста на американската економија ја зголемува веројатноста за зголемување на каматните стапки. PMI Индексот во производствениот сектор забележа највисока вредност во последните четири години, што укажува на отпорноста на американската економија. Позитивната слика ја надополни и извештајот JOLTS, кој покажа раст на бројот на слободни работни места на највисоко ниво од крајот на 2024 година наваму. Исто така, петочната објава на податоците за пазарот на труд силно ги надмина очекувањата на аналитичарите.

    Во еврозоната, инфлацијата во мај се искачи на 3,2%, главно поради повисоките цени на енергенсите. Истовремено, мајските PMI показатели покажаа прилично мешана слика за европската економија. Производствениот сектор и понатаму е во зона на раст, но растот на производството малку забави, додека услужниот сектор останува под притисок на повисоките цени на енергенсите и несигурните економски услови. Збирниот PMI за еврозоната се намали на 48,5 поени, што укажува на благ пад на економската активност. Најголема слабост покажаа Германија и Франција, додека Шпанија и Италија останаа нешто поотпорни.

    И во Азија главна тема беше вештачката интелигенција. Јапонскиот индекс Nikkei 225 достигна ново рекордно ниво, а меѓу најголемите добитници останува SoftBank, кој по пазарна капитализација ја престигна Toyota. Компанијата дополнително привлече внимание со најавата за инвестиција од неколку десетици милијарди во дата-центар во Франција. Интересна вест пристигна и од Тајван. Претседателот на Управниот одбор на TSMC, најголемиот светски производител на напредни чипови, истакна дека побарувачката за чипови наменети за вештачка интелигенција и понатаму силно ја надминува понудата и дека дефицитот на производствени капацитети веројатно ќе трае уште неколку години.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично