НЛБ Банка Скопје и во првата половина од годинава продолжува со успешно работење, остварувајќи нето-добивка од 1,72 милијарди денари, односно 28 милиони евра, што претставува раст од 7 насто во однос на истиот период лани. Од банката велат дека резултатот се темели на зголемената деловна активност во сите сегменти, растот на кредитирањето и прудентното управување со ризиците и посочуваат дека добивката пред оданочување достигнала 32,2 милиони евра.
Депозитната база е еден од најсилните адути на оваа банка. На крајот од јуни доверените средства од клиентите се на нивото од 1,97 милијарди евра, и е за 13,6 насто повисоко отколку пред една година. Ваквиот раст ја потврдува довербата на клиентите и обезбедува стабилна основа за финансирање на кредитната активност, истакнуваат од НЛБ и додаваат дека депозитите од банките се во износ од 40 милиони евра, со годишен раст од 39,7 насто.
Напоредно со растот на депозитите, продолжува и кредитната експанзија. Кај небанкарскиот сектор – граѓани и компании – се пласирани 1,77 милијарди евра. Во овој сегмент зголемувањето е за 20,3 насто.
Во тие рамки, кредитите одобрени на домаќинствата се зголемени за 11,1 насто, при што станбените кредити пораснале за 13,1 насто, а потрошувачките за 10,5 насто. Особено силен раст има кај корпоративното кредитирање, каде што е забележано позитивно движење од 22 насто, поттикнато од инвестиции во енергетска ефикасност, дигитализација и проширување на производствените капацитети.
Токму кредитната активност продолжува да носи најголем дел од приходите на Банката. Само од камати НЛБ Банка инкасирала 48,3 милиони евра, додека нето-приходите, по одбивање на расходите за камати, достигнале 39,8 милиони евра. На годишно ниво има промена од плус 1,6 насто.
Покрај ова, значително растат и приходите што ги носат дадените банкарски услуги. Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 13,5 милиони евра и се 10 насто повисоки отколку во првата половина од минатата година.
Вкупната актива на банката е во износ од 2,58 милијарди евра, а ја следи раст од 16,1 насто. Зголемувањето, како што се наведува, пред сè е резултат на интензивното кредитирање и повисокото ниво на ликвидни средства.
Вложувањата во хартии од вредност се намалени за 13,7 отсто, на 265 милиони евра. Паричните средства и паричните еквиваленти достигнале 453,6 милиони евра, што е 25,8 насто повеќе на годишно ниво.
На расходната страна, пак, Банката инвестира во дигитална трансформација, развој на деловната мрежа и човечкиот капитал. Оперативните трошоци изнесуваат 26 милиони евра, при што од НЛБ истакнуваат дека продолжуваат со дисциплинирано управување со трошоците и вложувања во проекти што треба да ја подобрат ефикасноста и корисничкото искуство.
Во извештајот се посочува дека квалитетот на кредитното портфолио останува висок, исправките на вредност и резервациите се под контрола, а банката ја задржува силната капитална и ликвидносна позиција.
Во наредниот период НЛБ Банка ќе го продолжи спроведувањето на Стратегијата 2030, со фокус на дигитализацијата, развојот на услуги базирани на вештачка интелигенција, модернизацијата на Контакт-центарот, како и финансирањето на зелени проекти и енергетската транзиција на компаниите и домаќинствата. Банката останува една од системски најзначајните финансиски институции во земјата и лидер во кредитирањето на населението и дигиталните банкарски услуги.
Аналитика








