ПОВЕЌЕ

    МВР АКТИВИРАШЕ МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“, засега наменета само за автомобили со странски таблички, казни се плаќаат онлајн

    Време зa читање: 5 минути

    Утринава намалија гужвите на граничниот премин Табановце кон соседна Србија, откако вчера се формираа километарски колони за излез од нашата земја, првиот ден по воведувањето на  системот „Безбеден град“ со казни и за странски возачи, покажуваат снимките во живо од камерите на граничниот премин.

    Во моментов, на Табановце работат осум пунктови за наплата на казни од странски возачи, а проверката и плаќањето на казната траат до 15 минути по возач, се наведува во информацијата на блогот Грчка Инфо кој постојано ја следи состојбата на патните правци и граничните премини кои од Србија водат кон Грција.

    Постапката сега е организирана така што се одвојуваат само возилата со евидентиран прекршок, додека другите возачи продолжуваат кон излезот од Северна Македонија.

    Полицијата ги одвојува возилата што се во системот од колоната, ги зема документите и им дава инструкции на возачите да паркираат и да ја продолжат постапката на посебен шалтер.

    Патниците наведуваат дека документите се скенирани, се внесуваат податоци и телефонски број, а потоа се бара е-адреса на која се испраќа линк со инструкции за плаќање.

    Плаќањето се врши исклучиво со онлајн платежна картичка преку интернет, а на преминот е достапна Wi-Fi мрежа на која можете да се поврзете. Не е можно да се плати со готовина или физичка платежна картичка.

    По плаќањето, сметката им се покажува на полициските службеници, кои потоа ги враќаат документите и возачот може да го продолжи своето патување.

    Доколку немате картичка или не можете да извршите плаќање со неа, според искуството на еден од патниците, друго лице исто така може да ја плати казната со својата картичка, а потоа можете да му го дадете соодветниот износ во готово, се вели во написот на Грчка Инфо.

    Министерството за внатрешни работи ја информираше јавноста дека е ставена во функција веб апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“, која во оваа фаза е наменета за странските државјани, односно за сопствениците и возачите на возила со странски регистарски таблички.

    Возачите со странски регистарски таблички сега можат да бидат запрени на граничниот премин Табановце при напуштање на Северна Македонија доколку нивното возило претходно е снимено од камерите на системот „Безбеден град“.

    Преку апликацијата странските државјани ќе можат едноставно и директно да добијат информации за сообраќајните прекршоци евидентирани со системот „Безбеден град“, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози, како и да ги подмират глобите по електронски пат.

    При логирањето, потребно е возачот да ја слика или скенира својата патната исправа  и да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата кои тој ги користи во нашата држава. На овој начин, странските возачи кои со своите возила ќе бидат евидентирани дека сториле сообраќаен прекршок на територијата на целата држава, ќе можат навремено и едноставно да се информираат и да ја регулираат својата обврска, без потреба од дополнително задржување на граничните премини.

    Контролата не се однесува само на прекршоци направени од денес, туку и претходно евидентирани прекршоци, од 1 февруари 2026 година.

    Според МВР, воведувањето на апликацијата претставува значаен чекор во дигитализацијата на услугите поврзани со системот „Безбеден град“.

    КАКО ФУНКЦИОНИРА СИСТЕМОТ?

    Кога системот на преминот ќе покаже дека возилото има евидентиран сообраќаен прекршок, на возачот му се издава записник и прекршочен платен налог, по што може да ја плати казната според пропишаната постапка. Доколку казната не се плати согласно пропишаната постапка, случајот може да се упати до надлежниот суд.

    Првиот ден од примената на „Безбеден град“ и за странските возачи вчера беше дочекан со негативни реакции кај туристите кои излегуваа на граничниот премин Богородица кон Грција, бидејќи новата мерка предизвика создавање на редици од возила чиишто сопственици беа упатувани да си ја платат казната и патници неинформирани за новата мерка. Кон крајот на вчерашниот ден, откако беа отворени повеќе шалтери за наплата, гужвата се намали, но дел од српските туристи, луто коментираа за новата мерка на македонската полиција, а дел изјавуваа дека во иднина за Грција ќе патуваат преку Бугарија.

    Сепак, од Грчка Инфо ги потсетуваат српските возачи дека систем сличен на македонскиот „Безбеден Град“ функционира и во Бугарија, и дури и поминувањето низ оваа земја не значи дека можете да возите безгрижно и „малку побрзо“.

    Казните за пребрзо возење во Бугарија можат да бидат сериозни:

    25 евра за пречекорување на ограничувањето на брзината до 20 км/ч

    дури 300 евра за пречекорување на ограничувањето на брзината за повеќе од 50 км/ч

    Затоа, ако патувате во Грција ова лето, без разлика дали ќе ја изберете Северна Македонија или Бугарија – почитувајте ги ограничувањата на брзината, се наведува во предупредувањето.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично