ПОВЕЌЕ

    КУМАНОВСКИТЕ КОМПАНИИ МЕНУВААТ РИТАМ – прометот попушта, профитот се прегрупира

    Време зa читање: 3 минути

    Куманово одамна не е само град на трговија и занаетчиство, туку економски центар во кој се развиваат различни бизниси – од трговија со моторни горива, преку градежништво и продажба на градежни материјали, до метална индустрија, хемиски производи, млечна и месна преработка. Значајно место имаат и компаниите од автомобилскиот сектор, како и бизнисите од малопродажба и услуги, што создава разновидна локална економска структура.

    Лани, кај дел од водечките компании има пад на приходите, но други бележат солиден раст и ја одржуваат динамиката на бизнисот. Истовремено, кај добивките има промени во редоследот на најпрофитабилните, при што дел од ланските лидери им отстапуваат место на други компании со посилни резултати.

    Кумановските компании ја менуваат структурата на растот, но тоа се одвива паралелно со движења и кај работната сила и кај платите. Дел од најголемите работодавачи отвораат нови работни места, дел работат со помалку кадар, додека кај највисоките плати доминираат технолошки и високо специјализирани дејности. Тоа упатува дека локалната економија станува поширока и поразновидна.

    Што се случува во кумановската економија и на кои компании се потпира, може да се согледа од анализата што ја подготви порталот Пари во соработка со Бизнис Мрежа.

    ДЕТОИЛ ОСТАНУВА НА ВРВОТ И ПОКРАЈ ПАДОТ НА ПРИХОДОТ

    Со приход од 43,6 милиони евра, Детоил останува најголема кумановска компанија по обрт, иако бележи пад од 10,34 насто. Водечкиот трговец со горива и натаму доминира, но повеќе не со ист интензитет.

    Во сенка на лидерот, силен исчекор прават Елида и Рапид Билд. Елида го зголеми прометот за 26,21 насто и стигна до 33,3 милиони евра, додека Рапид Билд со раст од 21,13 насто достигна 28,4 милиони евра, што уште еднаш покажува дека трговијата на мало со храна и пијалаци и градежниот сектор се меѓу главните локални двигатели.

    Меѓу добитниците е и Агростарт, со раст од над 20 насто, што сигнализира засилување и во агробизнисот.

    На приходната листа, освен кај прворангираниот, пад има кај компаниите Метал-Нет и Делукс-Ауто, што упатува на слабеење кај дел од индустриските и автомобилските активности.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ВКУПНАТА ДОБИВКА КАЈ ДЕСЕТТЕ КОМПАНИИ Е НАМАЛЕНА ЗА НАД 10 НАСТО

    Токму тука, во оваа категорија, е најголемиот пресврт во однос на 2024 година.

    Гоматик избива меѓу најпрофитабилните, со 1,8 милиони евра добивка и раст од дури 383,48 насто, најсилен профитен скок во кумановската бизнис-елита.

    Ист износ на добивка имаат и Термалифт и Рапид Билд, но со различни трендови. Едниот расте, а другиот паѓа.

    Особено впечатлив е скокот кај Твинс-Интернационал – трговија со моторни горива, чија добивка е зголемена за 226 насто.

    Од друга страна, ланските силни профитни носители имаат сериозен пад. Детоил останува без над 60 насто од добивката, а Квалитет-Пром бележи речиси идентичен минус.

    Ова покажува дека 2025 не беше година на најголемите, туку на најефикасните.

    Извор:Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично