ПОВЕЌЕ

    ПАРИ ГО ОТКРИВА ПРОФИТОТ НА ПЕКАРИТЕ: Тешко се заработува за леб, но добро се живее од леб

    Време зa читање: 4 минути

    ПАРИ АНАЛИЗА | Кога некому ќе се стемни, на друг му се разденува. Додека на граѓаните им паѓа(ше) мрак на очи поради изгор цените на основните прехранбени намирници, особено на најосновниот – лебот, на пекарите силно им светна(л) ден. Лебот што го јадевме лани беше за 30,8 насто поскап споредено со 2021 година. Но, ако се направи паралела меѓу цената на овој продукт само од декември 2022 со таа што опстојувала една година претходно, тогаш станува јасно дека векната леб сме ја плаќале речиси 50 проценти повеќе.

    И, кај кого е ќарот? Добар дел од овие пари, заврши како екстра профит кај некои од производителите на леб. Дел, пак, имаа помaли заработки во споредба со 2021 година.

    Т-02: Индекси на трошоците на животот, декември 2022 година
    T-02: Consumer Price Index, December 2022
    Структура
    Structure
    XII 2022
    ————
    Ø 2021
    XII 2022
    ————
    XI 2022
    XII 2022
    ————
    XII 2021
    Ø 2022
    ———–
    Ø 2021
    I-XII 2022
    ————-
    XII 2021
    0 ВКУПНО 1000.0 121.8 99.8 118.7 114.2 111.3
    01 Храна и безалкохолни пијалаци 399.0 132.1 98.5 127.1 120.9 116.3
    01.1 Храна 372.1 133.1 98.4 127.9 121.5 116.7
    01.1.1 Леб и жита 78.1 149.6 99.7 140.1 130.8 122.4
    01.1.2 Месо 85.4 133.4 99.9 127.9 118.3 113.4

    ИЗВОР: Државен завод за статистика

    Интересни и можеби интригантни, во контекст на сите кризни случувања, се податоците кои порталот Пари ги обезбеди од www.biznismreza.mk, за приходите на пекарите, кои до неодамна тврдеа дека се „жртви на безумието“. Гледано според процентуалниот пораст на профитот во споредба со 2021 година, листата најдоходовни во 2022 ја предводи „Специјал продукт“ ДООЕЛ Скопје. Во услови на откачена инфлаторна спирала, компанијата успеала да го удвои профитот. Зголемувањето е за извонредни 114 проценти во однос на остварувањата од претходната година.

    Добро поминал и „Диме“, со поголем профит за 78,6 насто, додека Жито Скопје – Силбо ДООЕЛ Скопје и Жито Леб Охрид имаат помали профити во споредба со 2021 година. Гигантот „Жито-Лукс“ ја намали загубата скоро за половина во споредба со состојбата од пред две години.

    Извор: БизниМрежа.мк

    Пораст на трошоците за вработените покажуваат годишните сметки на овие компании. Ако дел од нив се за повисоки плати, во тој случај најдарежливи биле во „Жито-Лукс“ Скопје, каде што трошоците пораснале за 19,4 проценти, а најскромни биле во „Силбо“, каде оваа ставка е повисока за само 0,9 насто.

    Извор: БизниМрежа.мк

    Сепак, ако се погледне делот „просечен број вработени врз основа на часови на работа во пресметковниот период (во апсолутен износ)“ – секаде, освен во „Специјал“, бројот на работно ангажираните е помал во споредба со 2021.

    За потсетување, дел од производителите на леб лани на први декември добија од Владата субвенции за електричната енергија, но на почетокот од годинава одбија да ја намалат цената на лебот. Тврдеа дека субвенционираната струја нема голем удел во конечната цена на производот. Таа поддршка ја загубија на први март. Паралелно со тоа, стапи во сила владината мерка за замрзнување на цената на белиот и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари. Така, леб почна да се меси дома, затоа што рафтовите во маркетите останаа празни, откако најголемите пекари направија неколкудневен прекин на производството и дистрибуцијата.

    „Дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во ‘Службен весник’, од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот. Ова не е бојкот“, изјави на 28 февруари Горан Малишиќ – престедател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

    Сепак, ја спуштија топката, но најавија дека ќе ја тужат државата поради загубите во нивното работење, кои според нивните проценки, до 31 мај ќе достигнат износ од над 4,5 милиони евра.

    Критики за замрзнувањето на цените има и од стручната јавност. Економистите укажуваат дека тоа не е пазарно решение, а товарот на кризата не смее да го носи само една индустрија. Државата треба да интервенира во време на криза, но помошта да ја ограничи само на семејствата на кои им е потребна.

    Секој се раководи од своите (пре)сметки. Некој тешко заработува за леб, а некој добро живее од леб.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично