ПОВЕЌЕ

    ГОЛЕМА АКЦИОНЕРСКА ПРЕСМЕТКА ВО „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“– „сѐ или ништо“ за пакет со 44.449 акции

    Време зa читање: 3 минути

    Доне Таневски има 17,72 проценти, „Скопски пазар“ заокружи на 10, а „Промедика“ со 8,68 проценти е новиот акционер на „Македонијатурист“. Тоа не е крај на промените. Утре ќе се наддава за голем пакет кој носи 9,83 отсто од акциите.

    Најголем акционер сѐ уште е Доне Таневски, но со помал процент на сопственост.

    „Согласно член 34 алинеја 7 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека Доне Таневски, Претседател на Надзорен Одбор на Македонијатурист АД Скопје, продаде 25.669 обични акции издадени од Македонијатурист АД Скопје и сега поседува 80.160 обични акции, односно 17,72%“, се вели во информацијата што компанијата ја сподели преку Македонска берза.

    Познато е, „Скопски пазар“ е главен играч во битката за доминација во акционерската структура. Во меѓувреме се стекна со 0,1 процентен поен повеќе и сега има 10 отсто од акциите, со кои е вториот најголем акционер.

    „Известуваме дека акционерот Скопски пазар акционерско друштво за услуги во прометот и трговијата увоз-извоз Скопје купи 730 обични акции и сега поседува 45.230 односно 10,00% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, е содржината на второто известување.

    Нов на списокот со имињата на позначајните акционери со над 5% е „Промедика“. Веледрогеријата која со текот на времето ги разви медицинските, стоматолошките… услуги, се јавува како сопственик со 8,68 отсто од акциите.

    „Известуваме дека акционерот Друштво за трговија, производство и услуги Промедика дооел Скопје поседува 39.272 односно 8,68% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, пишува во третата објава.

    Во меѓувреме, се појави и известувањето од Македонска берза, за закажаната јавна аукција.

    Со стартна цена од 7,33 милиони евра на јавна аукција во среда ќе бидат понудени 44.449 обични акции на „Македонијатурист“. Големиот пакет кој обезбедува 9,83 проценти од основната главнина на хотелско-угостителската компанија се продава со почетни 10.150 денари за акција, а по принципот „сѐ или ништо“. Јавната берзанска аукција е иницирана од „Еурохаус“.

    „Ве известуваме дека на 27.11.2024 година (среда), на барање на членката Еурохаус АД Скопје, по пат на јавна берзанска аукција на акции при продажба на големи пакети на акции (согласно Анекс 4 од Правилата за тргување на Македонска берза АД Скопје) ќе се понуди за продажба пакет од 44.449 обични акции издадени од Македонијатурист АД Скопје што претставува 9,83% од основната главнина на друштвото, со почетна продажна цена од 10.150,00 денари по акција преку моделот сѐ или ништо“.

    Што се однесува до цената, поставена е некаде помеѓу. Во последниве неколку месеци, во кои е забележлив притисокот од заинтересираните инвеститори, цената на акцијата се движи од 7.500 денари (на четврти септември), преку 9.500 денари во одделни блокови во октомври, до 9.795 денари на 12 ноември. Кратко време највисока беше позицијата од 11.070 денари за акција во блок-трансакцијата преку која Соња Бибановска ги продаде сите свои акции. Сепак, минатата недела скокна на 13.597 денари, кога исто така во блок-трансакција, беа продадени 6,8 проценти од акциите. Вчера, пак, според официјалната дневна берзанска листа, постигнала просек од 7.699 денари.

    Меѓу поголемите акционери се и Сава пензиски фонд“ со 8,8 проценти, Симеон Павлов од „Чеза комерц“ со 8,19 и „МГ фешн“ со 7,69 отсто. Хотелско-угостителската компанија има десет проценти сопствени акции, но тие не и го даваат правото на глас.

    Дали ќе биде успешна аукцијата и дали ќе внесе нов пресврт во сопственичката структура, засега е прашање без одговор. Со оглед на досегашните случувања, во среда може да биде многу интересно.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично