Подобри услови за вработените и градење квалитетна работна средина, со меѓусебна поддршка и соработка со раководството, се основните заложби на чија реализација цели пет децении опстојува Синдикатот на Народната банка. Генерациите се менувале, секоја оставајќи свој печат, а заедничкиот резултат е институцијата со највисока доверба во државата. Македонската централна банка постои 79 години, а синдикалното здружување го поддржува и развива полни 50 години. Тоа е временска рамка во која се случиле многу работи и низ која минале многу генерации кои овде оставиле дел од себе, вели претседателката на Синдикалната организација, Александра Ѓорѓиевска, во интервју за порталот Пари.
Пари: Формирањето на синдикалното здружување во рамките на Народната банка е поврзано со влегувањето и продолжувањето со работата во сегашната зграда. Своевремено наречена Комплекс банки, дело на архитектите Радомир Лаловиќ и Олга Папеш. Но, кои биле во таа 1975 година синдикалните пионери?
Ѓорѓиевска: Таа година вработените во Народната банка конечно добиваат своја зграда, по губењето на зградата во разорниот земјотрес 1963 година, при што веднаш се организираат синдикално и формираат Синдикална организација при Народна банка, со цел да може да ги остваруваат своите работнички права. Првиот претседател на Синдикалната организација при Народна банка е Борка Крстевска. Согласно тогашното уредување, преговори на вработените со гувернерот се одвиваат преку работничките совети, кои имаат редовни состаноци со раководството на Народната банка. Имаат широки овластувања и права и ги спроведувале барањата на Советот на работните луѓе, кој го сочинувале, всушност, сите вработени во Народната банка. Во зградата на Народната банка во тој период влегуваат 150 вработени. Најважен е ентузијазмот на вработените, кои имале голема желба за развој и напредок и вложувале труд да изградат квалитетна институција, со највисока доверба, ги граделе новите работни процеси и функции, со цел да одржуваат стабилен финансиски систем и да ги исполнуваат целите на Народната банка. Уште од тоа време соработката на синдикатот со раководството се темелела на заеднички принципи поради високото ниво на општествена одговорност. Мислам дека тоа не направи еден од најсилните синдикати, кој придонел кон градење на квалитетен кадар и преку кој се градела добра работна средина и услови, а сѐ со цел да се исполнуваат целите и задачите на Народната банка.

Пари: Ја предводите синдикалната организација на македонската централна банка од 2017 година. Кое е вашето согледување, врз какви темели се заснова вашата работа и синдикалното здружување?
Ѓорѓиевска: Сите имаме основна цел, тоа е исполнување на целите и задачите на Народната банка, преку кои имаме голема општествена одговорност. Затоа делуваме во правец на подобрување на условите на вработените и градење на квалитетна работна средина, со меѓусебна поддршка и соработка со раководството на Народната банка. Вработените во Народна банка имаат солидна поддршка од раководството во тој правец, со цел да се одржи квалитетот на работниот кадар како клучна алка во извршувањето на целите и задачите на Народната банка. Вработените се основна алатка и синдикатот е тука да го поддржи процесот.
Пари: Како синдикалното здружување во централната банка придонесува кон независноста на Народната банка и репутацијата за институција од највисока доверба? Колкав број од вработените се дел од Синдикалната организација при Народна банка?
Ѓорѓиевска: Нашето членство со години се одржува на ниво од 80 отсто од вработените во Народната банка, што е еден од највисоките проценти на синдикално членство во институциите. Горди сме на тој факт, одржливоста на членството на високо ниво е факт кој покажува дека имаме континуитет во нашето работење и квалитет во поддршката на работничките права, дека сме на прав пат. Имаме добра соработка со раководството, слух за проблемите и барањата, кои се исполнуваат согласно можностите и законските овластувања, но јасно е дека со одржливоста на квалитетна работна сила и статус на институција од највисока доверба ги исполнуваме условите потребни за одржување квалитетна работна средина и добри работни услови, што е постулат на секој синдикат.

Пари: Која е вашата улога како синдикален лидер? А, кои се потребите од заштита на правата на вработените?
Ѓорѓиевска: Пред сѐ, одлуките во Синдикатот се носат на ниво на Извршен одбор, каде секоја организациона единица во Народна банка има свој претставник, кој ги претставува барањата на членовите. Работиме на доброволна основа, не сме платени синдикалци и не добиваме надомест за нашето работење. Овој начин на работење ги покажува повисоките цели на колегите кои се дел од Извршниот одбор, кои со својата енергија и ентузијазам придонесуваат кон подобрување на условите за работа на сите вработени во Народната банка. Како претседател ги извршувам одлуките на Извршниот одбор, при што заедно со раководството на Народната банка активно работиме на обезбедување добри работни услови. Ги информираме навремено сите вработени за планираните измени или одлуки, за настани и други активности кои ги преземаме, организираме спортски игри, добротворни активности, им помагаме на нашите членови во тешки моменти, кога сме најпотребни и сме солидна поддршка на нашите членови во секој поглед. Најмногу ме радува што со нашата работа сме пример на новите вработени кои имаат желба да станат наши членови и ја препознаваат нашата работа и напорите.

Пари: Неодамна вработените на Народната банка донираа опрема за болницата во Кочани, со цел да функционира непречено по големата трагедија што се случи во тој град. Акцијата е организирана од Синдикатот и од Народната банка со здружени сили. Дали имате и други слични општествено одговорни и донаторски акции?
Ѓорѓиевска: Акцијата е организирана во соработка на Синдикатот и Народната банка како институција, во име на сите вработени. Солидарноста на вработените во Народната банка е секогаш на високо ниво, така и за оваа несреќа се организиравме и со заеднички средства обезбедивме опрема за болницата во Кочани. Тоа беше поддршка во вистински момент, оваа опрема ќе биде од голема помош во наредниот период и драго ни е што можевме во кус временски рок да помогнеме. Со тоа не застануваме, продолжуваме да ја поддржуваме болницата во Кочани, но и на други места каде што е потребно. Досега, преку нашата акција „Донирај книга“, вработените во Народната банка собраа над 500 книги и лектири, кои се донирани на повеќе основни училишта во Македонија и домови за стари лица. На најмалку пет основи училишта од рурални средини дониравме сетови на пропишани и задолжителни лектири, со што овозможивме пристап до лектири за деца кои немаат лесен пристап до градски библиотеки или книжарници. Имавме акции за садење дрвја, подготвување оброци за ранливи групи, донирање на неопходни средства на домови за стари лица, донирање новогодишни пакетчиња на деца од рурални средини, вода во големите пожари изминатите години, еко акции и многу други добротворни акции. Горда сум на колегите, бидејќи навистина се активни и хумани кога тоа е најпотребно.

Пари: Дел сте од Синдикатот на финансиските работници – СФОМ. Кои се заедничките поставени цели и дали здружените сили ве прават посилни во заштитата на праватат на вработените од банкарскиот и финансискиот сектор?
Ѓорѓиевска: Членка сме на СФОМ од 2022 година и членството во гранков синдикат ни носи придобивки во правец на синдикална заштита од повисоко ниво, заштита од правен аспект и придобивки во делот на заеднички активности, спортски настани, добротворни настани и други социјални активности. СФОМ е многу активен синдикат, со релативно помладо и прогресивно раководство и членство и тоа ни дава добра поддршка и правец во понатамошното работење. Членките во СФОМ исто така меѓусебно се поддржуваат и помагаат и навистина нашето приклучување кон СФОМ беше правилна одлука. Преку СФОМ пристапуваме и кон меѓународни и европски синдикати, од кои добиваме поддршка и обуки во вид на семинари и работилници. Најважно е дека при одучување и колективно договарање ја задржавме независноста, како институција регулатор на банкарскиот сектор. СФОМ има разбирање за нашата улога и значење и ги почитува нашите одлуки и делување.
Маја Анастасова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.