
Мала по население, но голема по бизнис. Виница, град со околу 10 илјади жители, во 2025 година генерирала повеќе од 340 милиони евра вкупен приход и уште еднаш покажува дека економската сила не зависи секогаш од големината на градот.
Зад градот што најчесто се препознава по Виничкото Кале, земјоделството и традицијата, стои стопанство што генерира стотици милиони евра приход и во кое успешно функционираат компании од различни дејности – од трговија со горива и кондиторска индустрија, до производство на мебел, градежни материјали, хартија и картон.
Според податоците што ги анализираше порталот Пари од Бизнис Мрежа, во 2025 година вкупно 452 трговски друштва од Виница оствариле приход од 341,4 милиони евра, што претставува раст од 6,39 насто во однос на претходната година. Истовремено, вкупната добивка изнесувала 13,7 милиони евра, практично на истото ниво како и во 2024 година, со минимален пад од 0,15 насто. Тоа значи дека локалната економија продолжува да расте по обем, но профитабилноста сè потешко го следи тој раст.
Особено е впечатливо што десетте најголеми компании во Виница сами генерираат приход од 264,6 милиони евра. Или, поинаку кажано, на нив отпаѓаат повеќе од три четвртини од вкупниот приход во општината. Тоа покажува дека економската слика во голема мера ја создаваат неколку силни компании, предводени од нафтениот бизнис, кондиторската индустрија и трговијата.
ДАДИ ОИЛ И ПОНАТАМУ НЕМА ВИСТИНСКА КОНКУРЕНЦИЈА
Кога станува збор за приходот, Виница има апсолутен лидер. Дади Оил и во 2025 година останува убедливо најголемата компанија во општината со приход од 140,1 милион евра. Самостојно, оваа компанија создава повеќе од половина од приходот на десетте најголеми фирми во Виница, што доволно зборува за нејзината доминантна позиција.
Веднаш зад неа е Макпрогрес, производителот на добро познатите кондиторски брендови Винчини, кој остварил приход од 41,4 милиони евра. Иако разликата меѓу двете компании е огромна, Макпрогрес има значително побрз раст – приходот е зголемен за 15,45 насто, што е речиси трипати повеќе од растот на Дади Оил.
На врвот е и Дади-Компани со 33,9 милиони евра, компанија што е во сопственост на Дади Оил, со дејност трговија на мало co моторни горива и мазива. Според овие податоци, трите водечки компании заедно генерираат над 215 милиони евра приход. Практично, тие сами ја создаваат главната економска тежина на Виница.
Меѓу компаниите со најсилен раст се издвојува Мебел Ви Бранко, каде што приходот е зголемен за 16,23 насто и достигнал 9,2 милиони евра. Солидни резултати има и Ирибов МК со раст од 11,45 насто, како и Партнер со 9,32 насто.
Од друга страна, пад на приходите бележат Винербергер и Термостил Даниел. Производителот на цигли и градежни материјали Винербергер има намалување од 9,18 насто, додека Термостил Даниел е во минус од 8,21 насто. Сепак, и покрај тоа, двете компании остануваат меѓу најголемите во локалната економија.
Извор: Бизнис Мрежа
ДОБИВКАТА СТАГНИРА, НО ВРВОТ ОСТАНУВА НЕПРОМЕНЕТ
За разлика од приходите, кои растат солидно, добивката во Виница практично стагнира. Вкупниот профит на сите компании е речиси идентичен со ланскиот, што покажува дека растот на трошоците станува сè поголем предизвик за бизнисите.
Сепак, врвот останува непроменет. Дади Оил и понатаму е најпрофитабилната компанија во Виница со добивка од 2,16 милиони евра. Веднаш зад неа е Макпрогрес со околу 2 милиони евра.
Најголемо позитивно изненадување е Дади-Компани, каде што добивката скокнала за речиси 60 насто и достигнала 930 илјади евра. Силен раст има и кај Дади Компани Сим, која ја зголемила заработката за 53,32 насто, како и кај Мебел Ви Бранко, каде што има раст на добивката од 41,88 насто.
Најголем процентуален скок бележи Глориа Ефтим Ангелов, каде што добивката е зголемена за речиси 75 насто. Иако апсолутниот износ од 274,5 илјади евра не е меѓу најголемите, ваквиот раст покажува значително подобрување на профитабилноста.
Од друга страна, Термостил Даниел бележи пад на добивката од 29,22 насто, а Макпрогрес е во минус од 8,37 насто. Кај Дади Оил намалувањето е симболично и изнесува само 0,67 насто.
Иако десетте најголеми компании во Виница во 2025 година оствариле приход од 264,6 милиони евра, нивната заедничка добивка изнесува 9,26 милиони евра. Тоа значи дека на секои 100 евра приход, во просек остануваат помалку од 4 евра чиста заработка. Бројките покажуваат дека виничката економија се потпира на дејности со голем обем на работа, но со релативно ниски маржи, каде што секое зголемување на трошоците директно влијае врз профитабилноста.
Извор: Бизнис Мрежа

Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








