ПОВЕЌЕ

    Мицкоски: Иднината е во дата-центрите, Македонија треба да стане регионален хаб

    Време зa читање: 3 минути

    Дата-центрите и вештачката интелигенција се меѓу најголемите развојни можности за македонската економија, а доколку земјава успее да привлече дел од заинтересираните инвеститори, економските придобивки би биле значајни. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во поткастот Каде се парите? со Горан Теменугов, нагласувајќи дека целта не е Македонија само да ги користи овие технологии, туку да стане регионален центар за извоз на дигитални услуги.

    На прашањето дали државата и домашниот ИТ-сектор ќе имаат конкретен бенефит од евентуалните инвестиции во дата-центри, Мицкоски одговори дека економските ефекти би биле неспорни:

    „Не може да немаме, и тоа не може да немаме мал и спор економски бенефит. Ако планот се реализира, односно да бидам попрецизен, ако дел од овие што се заинтересирани го направат тоа кај нас, еве да речеме Мариовскиот е добар крај за таков тип на инвестиција, тогаш нема како ние да не бидеме економски на многу повисоко ниво од ова што сме денес“.

    Тој оцени дека критиките и стравувањата поврзани со дата-центрите се неоправдани, посочувајќи дека најразвиените светски економии веќе темелат дел од својот раст токму на овие инвестиции.

    „Ако светот денес зборува за вештачката интелигенција, а вештачка интелигенција без дата-центри не е можна, а дата-центрите работат на основа на електрична енергија, тогаш тоа е еден затворен круг, еден процес кој е неповратен“, истакна Мицкоски.

    Како примери ги наведе Франција, САД и Ирска: „Ако француската економија успеала да привлече околу 70 милијарди евра во ваков тип инвестиции, ако растот на БДП на најголемата светска економија – САД се темели на дата-центрите и на вештачката интелигенција, ако двоцифрениот раст на Ирска во 2025 година се темелеше токму на извоз на услуги како резултат на дата-центрите, тогаш навистина не ја разбирам оваа хистерија што поединци ја шират“.

    Воедно, посочи дека Македонија не е доволно голем пазар за да профитира од користењето на овие услуги на домашно ниво, туку од нивниот извоз.

    „Ние не сме пазар што е атрактивен за тие што ќе градат дата-центри, па сега македонскиот пазар ќе го дигитализираме или ќе ја користат граѓаните овде вештачката интелигенција, па од тие услуги ние ќе профитираме. Не. Идејата е да го препознаеме значењето на иднината и на оваа технологија, да ја донесеме тука, да бидеме хаб и да извезуваме услуги, затоа што тоа е чисто нето придобивка за нашиот бруто домашен производ“, изјави Мицкоски.

    Во разговорот беше загатнато и прашањето дали институциите се подготвени за вакви големи инвестиции, имајќи ги предвид сложените процедури за дозволи, локации и еколошки анализи. Мицкоски вели дека државата сѐ уште го гради потребниот капацитет, но смета дека искуството може да се стекне само преку практична реализација на проекти.

    „Никој учен не се родил. Природно е дека ние сега го тренираме системот и го обучуваме. Кога ќе почнеме, ќе видиме кои се слабите, кои се силните страни. Ако не почнеме, ние нема да знаеме што е тоа што ни недостасува“, рече премиерот.

    Тој додаде дека Владата веќе ги анализира искуствата на земјите кои се понапред во привлекувањето вакви инвестиции: „Се обидуваме да црпиме искуства од државите кои се понапред во овој процес, анализираме што е тоа што кај нив претставувало тесно грло и се обидуваме сето тоа да го исправиме“.

    Според кажувањата на Мицкоски, Владата ја гледа изградбата на дата-центри како еден од потенцијалните двигатели на идниот економски раст, особено во услови кога глобалната економија сѐ повеќе се потпира на вештачката интелигенција, обработката на податоци и дигиталните услуги.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично