
Веледрогерискиот сектор во 2025 година расте и по приходи и по добивки и по висина на платите, но не и драматично по бројот на луѓе што го носат тој систем. Според податоците од „Бизнис Мрежа“ што ги анализираше „Пари“, 195 компании од дејноста оствариле вкупен приход од 853,4 милиони евра, што претставува раст од 10,71 насто, додека добивката се зголемила за 13,40 насто, на 43,4 милиони евра. Во исто време, бројот на вработени пораснал умерено – од 2.135 на 2.173 лица, односно за 1,78 насто, а просечната плата во дејноста достигнала 44.383 денари, со раст од 10 насто.
Тоа ја отвора главната приказна: веледрогериите вртат огромни износи, но работат со релативно ограничен кадар. Кај нив секој вработен е дел од синџирот што мора да функционира прецизно – од набавка, складирање и дистрибуција, до навремено снабдување на аптеките, болниците и здравствените установи.
Во однос на вработеноста доминираат големите дистрибутивни системи како Зегин, Македонијалек, Реплек, Еуро-Фарм и Вега Фармацеутикал Логистикс, додека највисоките плати ги исплаќаат компании што не се секогаш меѓу најголемите работодавачи.
Особено е интересно што шест од компаниите со највисоки плати воопшто не се меѓу водечките по приход и по добивка. Од друга страна, кај бројот на вработени има поголемо поклопување со финансиските листи.
КОЛКАВА Е ПЛАТАТА КАЈ ЛИДЕРОТ ПО ПРИХОД?
Кај веледрогериите, бројот на вработени не е само статистика, туку директен показател за капацитетот на една компанија да управува со сложен дистрибутивен систем.
Најголем работодавач во 2025 година е Зегин, со 281 вработен, што е раст од 13,77 насто во однос на 2024 година. Компанијата не само што е лидер по остварен приход, туку очигледно продолжува и со кадровско ширење. Сепак, просечните плати во Зегин остануваат значително пониски од оние кај компаниите што се на врвот на листата по највисоки примања во секторот. Оваа веледрогерија исплаќа просечна плата од 46.999 денари.
Веднаш зад неа е Македонијалек со 165 вработени и плата за 1.500 денари повисока од Зегин, а трет е Реплек со 122 лица. Интересно е што Реплек, и покрај падот на бројот на вработени за 4,69 насто, годинава е лидер по добивка, а платата што ја дава на вработените е над 76 илјади денари.
Еуро-Фарм и Вега Фармацеутикал Логистикс остануваат стабилни големи системи со по 97 вработени, иако и кај двете има благо намалување на бројот на луѓе. Биотек, пак, го задржал истиот број вработени како и претходната година – 73.
Анализата покажува дека кај бројот на вработени има многу поголемо поклопување со финансиските листи отколку кај платите. Зегин, Македонијалек, Реплек, Еуро-Фарм, Вега, Биотек, Еуролек и Д-р Пановски се појавуваат и во категориите по приход и по добивка, што значи дека токму тие ја носат оперативната и финансиската тежина на веледрогерискиот сектор.
Но има и интересни исклучоци. Промедика и Септима се меѓу десетте најголеми работодавачи, а сепак ги нема меѓу водечките компании по приход и по добивка.
Извор: Бизнис Мрежа
ПРОСЕЧНИТЕ ПЛАТИ СЕ ДВИЖАТ ОД 88 ИЛЈАДИ ДО 189 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ
Кај веледрогериите, највисоките плати не ги исплаќаат исклучиво компаниите со најголем промет или најголем број вработени. Воедно, и овој сектор ја носи истата карактеристика забележлива и во другите дејности – колку помалубројни тимови толку поголеми плати.
На врвот по просечна плата е Галинос Фарм, каде што просечните месечни примања достигнуваат 189.143 денари за 19 вработени. Веднаш зад неа е Биотек, со просечна плата од 174.381 денар и 73 вработени. Оваа веледрогерија бележи најголем колектив меѓу компаниите што се наоѓаат во топ пет компании по плати. Трета е Рош Македонија со речиси 150 илјади денари просечна плата и 25 вработени.
Биомедика Дијагностика, пак, која е четврта на листата, исплаќа просечна плата од 102.578 денари, но со само 4 вработени. Уште поекстремен е примерот со Ворлд Медицине, каде што просечната плата достигнува 101.136 денари, а компанијата работи со само 1 вработен.
Од друга страна, големите дистрибутивни системи како Зегин, Македонијалек или Еуро-Фарм, иако управуваат со десетици и стотици милиони евра промет и големи оперативни мрежи, не се меѓу лидерите по плати. Причината е можеби во тоа што тие функционираат со значително поширока структура на вработени, што природно ја намалува просечната плата во споредба со компании што имаат помал специјализиран кадар.
Извор: Бизнис Мрежа
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








