
Додека виничката економија во 2025 година бележеше раст на приходите од 6,39 насто, бројот на вработени продолжи да се намалува. Според анализата што ја подготви Пари, врз основа на податоците на Бизнис Мрежа, во 452 компании коишто поднеле завршни сметки лани работеле 3.140 лица, што е за 3,77 насто помалку во однос на претходната година, кога биле евидентирани 3.263 вработени. Тоа значи дека локалната економија успеала да создаде повеќе приход со помал број работници, тренд што веќе неколку години е присутен и во многу други општини низ државата.
Сепак, најголемите работодавачи остануваат столб на локалниот пазар на труд. Десетте компании со најголем број вработени ангажираат вкупно 1.574 лица, што претставува точно половина од вкупната работна сила во виничкото стопанство.
На врвот е Макпрогрес со 504 вработени. Производителот на кондиторските брендови Винчини не е само најголем работодавач, туку е и меѓу водечките компании според приход и добивка. Со други зборови, станува збор за редок пример каде што големиот број вработени е проследен со силни финансиски резултати.
МАЛА ОПШТИНА, ГОЛЕМИ БРОЈКИ: Виница создаде над 340 милиони евра вкупен приход
Веднаш зад него е Ирибов МК со 285 вработени, а трет е Мебел Ви Бранко со 146 лица. И двете компании се присутни и на листите според приход и добивка.
Во групата најголеми работодавачи се наоѓа и Дади-Компани со 91 вработен. Компанијата е дел и од листите според приход и добивка, што значи дека успешно ги комбинира растот на бизнисот и кадровската стабилност.
Од друга страна, меѓу десетте најголеми работодавачи има и компании што воопшто не се појавуваат во врвот според приход и добивка. Тоа се Виничанка, Викон Нова, Солидарност, Апитекс и Кинг-Слот. Иако не се финансиски лидери, тие заедно обезбедуваат работа за 448 лица и имаат значајна улога во одржувањето на локалната вработеност.
Интересна е и спротивната страна на приказната. Дади Оил, убедливо најголемата компанија во Виница според приход и добивка, не се наоѓа меѓу десетте најголеми работодавачи. Оваа компанија брои само 12 вработени.
Истото важи и за Пепи, Партнер, Термостил Даниел, Елен, Алекспак и Дади Компани Сим. Тоа покажува дека дел од најуспешните компании во општината успеваат да создадат милионски приходи и големи профити со релативно мали тимови.
Листата на најголеми работодавачи открива две лица на виничката економија – компаниите што создаваат најголема финансиска вредност и компаниите што обезбедуваат најмногу работни места. Само неколку од нив успеваат истовремено да бидат дел од двете групи.
Извор: Бизнис Мрежа

Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








