
Вториот пензиски столб треба да биде една од клучните теми во најавите за реформи на пензискиот систем. Дел од идеите што се разгледуваат се дали идните пензионери прво целосно би ја искористеле заштедата од вториот столб, а потоа, откако оваа сума ќе се исцрпи би преминале со пензиите во ПИОМ, со што државниот фонд би добил простор за стабилизација.
Премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“ вели дека воведувањето на вториот столб било направена со добри намери, но дека од денешна перспектива не е сигурен дека ќе ги даде очекуваните резултати. Според него, голем дел од корисниците можеби нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки. Прашањето е што ќе прави државата ако вториот пензиски столб не обезбеди пензии какви што очекувале граѓаните.
„Лично мислам дека голем дел од корисниците на вториот столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки. Мислам дека очекувањата кај корисниците се многу поголеми. Убеден сум дека тогаш кога е правена оваа реформа имале добри намери, но, за жал, мислам дека сега нема да ги даде очекуваните резултати кога оваа реформа е правена.
Жалам што од денешна перспектива воопшто е влезено во правење на оваа реформа, имајќи предвид дека голем дел од европските земји и членки на Европската Унија имаат само еден столб… Не знам дали очекуваните резултати ќе се добијат. Да бидам попрецизен, сигурен сум дека намерата била добра, но од денешната перспектива загрижен сум дека голем дел од корисниците нема да бидат задоволни.“
Аналитика








