ПОВЕЌЕ

    ЌЕ ПОЕВТИНИ ЛИ ХРАНАТА? Цените под лупа, целта е инфлација под 3%

    Време зa читање: 3 минути

    Откако започна трендот на намалување на цените на горивата, Владата го насочува фокусот кон следниот голем предизвик за домашните буџети – цените на храната. Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека веќе е започнат процес на директни разговори со трговците, добавувачите и производителите, со цел да се спречи нов ценовен бран и да се задржи инфлацијата на ниско ниво.

    Во текот на вчерашниот ден била одржана работна средба со претставници на најголемите трговски синџири во државата, на која главна тема биле движењата на цените на основните прехранбени производи и можностите за нивна стабилизација.

    Според премиерот, разговорите нема да застанат тука. Во наредниот период ќе следуваат состаноци и со добавувачите и производителите, со цел сите засегнати страни заеднички да придонесат годишната инфлација и цените на основните производи во текот на јули да останат под три проценти.

    „Владата останува посветена на мерки што го штитат животниот стандард и обезбедуваат поголема сигурност за граѓаните“, порача Мицкоски преку социјалните мрежи.

    Средбата доаѓа откако премиерот јавно најави дека очекува трговците да пристапат кон намалување на цените на основните прехранбени производи, оценувајќи дека повеќе не постојат оправдувања за задржување на високите цени.

    Според него, периодот на неизвесност предизвикан од случувањата на Блискиот Исток постепено завршува, а со тоа се намалуваат и притисоците кои досега често беа наведувани како причина за поскапувањата.

    „Граѓаните беа толерантни, сега е ред тие да им се оддолжат на граѓаните и веднаш да пристапат кон намалување на цените на производите, особено на основните прехранбени производи“, изјави Мицкоски.

    Премиерот испрати и порака дека Владата внимателно ќе ги следи реакциите на пазарот. Доколку во наредните денови не се забележат корекции на цените, најави дека државата е подготвена да интервенира со дополнителни мерки.

    Во рамките на владините анализи ќе се прават и споредби на цените на основните производи во македонските маркети со оние во земјите од регионот. Доколку се утврдат значителни разлики, Владата не ја исклучува можноста јавно да ги посочи трговските синџири кои нема да покажат подготвеност за намалување на цените.

    Од Владата нагласуваат дека преку координирани активности со бизнис-секторот ќе продолжат напорите за зачувување на куповната моќ на граѓаните и одржување на ценовната стабилност, во период кога храната останува еден од најголемите трошоци во семејните буџети.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично