Во две блок-трансакции вредни 445,6 илјади евра е купен речиси 10-процентен пакет акции на Авто гума АД Скопје. Идентичните зделки, со 6.760 акции, реализирани во интервал од три дена, на инвеститорот му обезбедуваат вкупно 9,82 отсто од акционерскиот капитал на компанијата.
Првата информација Македонска берза ја објави на 15 јуни, а втората на 18 јуни. Застапените податоци се сосема исти: по единечна цена од 4.054 денари се купени 3.380 акции, чијашто номинална вредност е 5,1129 евра. Вредност на секоја од трансакциите е 13.702.520 денари (222,8 илјади евра).
Акцијата на Авто гума котира на слободниот пазар. Според берзанските податоци, компанијата има издадено 68.798 обични акции, а во последните 52 недели не е изведено ниту едно тргување. Во статистиката се само три блока – овие два и еден со датум од 29 октомври 2025 година. И таа трансакција била реализирана по иста цена, а со купената количина сопственикот стекнал 10,6 отсто од основната главнина.
Авто гума има речиси осумдецениска традиција во производството на гумени производи. Се смета за најголем производител во регионот, а покриваат 25 до 30 отсто од домашниот пазар.
Минатата година, според податоците од Бизнис Мрежа, компанијата ја завршила со приходи од 265,5 илјади евра, при што е забележан пад од 49,59 отсто. Тоа се одразило и врз добивката, каде што годишната промена е негативни 96,68 проценти. Истовремено, се намалил и бројот на вработените од 14 на 10, а просечната плата се зголемила за 27,66 насто.
Аналитика








