ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ИВАНА БАЛАБАНОВА: Го истражувам минатото за да се позиционирам во сегашноста

    Време зa читање: 9 минути

    Во Швајцарија ме инспирира токму таа комбинација меѓу надворешната структура и внатрешната слобода, меѓу тишината и движењето. Во таа динамика, полека го наоѓам своето место и чувството дека сум своја на своето, вели Ивана Балабанова, кореографка и трансдисциплинарна уметница што по магистерските студии по Кореографија, сега е на втори магистерски трансдисциплинарни студии на Универзитетот за уметности во Цирих. Нејзиниот танцов перформанс „Југо“ ќе ја има својата македонска премиера на 24 април на Танцфест во Скопје.

    Пари: Ивана, овој месец во Културхаус Хелфереи во Цирих се случи швајцарската премиера на танцовиот проект „Југо“, кој го создаде со интернационална екипа. Веќе четири години живееш и работиш во Цирих. Што те мотивираше да направиш уште една секвенца од проектот Југо?

    Балабанова: „ Југо“ е автоетнографски проект чие создавање произлезе токму од искуството на промена на местото на живеење и соочувањето со нова културна средина. Заминувањето во Швајцарија беше едно од моите најинтензивни животни искуства, особено затоа што отвори длабоки прашања за мојот идентитет и културолошката подлога од која потекнувам.

    Соочувајќи се со одредена алиенација на сопственото тело, почувствував потреба подлабоко да го истражам своето минато, со цел да се позиционирам во сопствената сегашност. „Југо“ е резултат на тој процес – обид за подлабоко допирање до себе и разбирање на сопствените слоеви. Како таков, тој е еден феминистички коментар на патријархалните тенденции во постјугословенскиот контекст.

    Пари: Овој танцов перформанс носи уште едно подзаглавие „Химна на женскиот гнев“. Зошто отворањето на темата за женскиот гнев ти беше важно токму сега?

    Балабанова: Темите за женскиот гнев, патријархатот и позицијата на жената, особено на балканските простори, но и пошироко, отсекогаш биле присутни во мојата работа. Овојпат, соочена со поинаков контекст и со глобалните случувања, почувствував силна потреба да создадам простор во кој женскиот гнев може да се oтелотвори, да се валоризира и да се трансформира.

    Американската активистка и философка, Одри Лорд, вели: „Живеев со овој гнев… научив да го користам пред да ги проголта моите визии.“ Овој цитат силно резонира со моето искуство. Ми се чини дека жените на нашите простори сè уште немаат доволно слобода да одговорат на континуираната опресија. Живееме во општество што и понатаму е доминирано од кревко машко его, а гневот честопати останува потиснат или санкциониран. Истовремено, разгневеноста честопати беше и мој мотор.

    Од лични, но и општествено релевантни причини, почувствував потреба да зборувам за оваа тема, а за мене, најавтентичниот јазик за тоа е телото.

    Пари: Како изгледа да се создаде танцова претстава во Швајцарија – од почеток до крај? Од наоѓање финансии до креативно вообликување на идејата.

    Балабанова: Процесот на создавање на „Југо“ се одвиваше низ повеќе фази. Имав среќа да бидам избрана како една од креаторките во рамките на програмата „Инкубатор“ во културниот центар Роте Фабрик во Цирих – исклучително значајно искуство во кое работев заедно со танчарите Софи Ларсон и Коко Де Винт, како и со композиторот Пол Таро Шмит.

    Во оваа почетна фаза поставивме основа за понатамошниот развој на делото, која резултираше со заокружен дванаесетминутен перформанс. Тој беше одлично прифатен од публиката, а успешната соработка со Роте Фабрик ни овозможи и дополнителна резиденција за развој на проектот.

    Паралелно, бев избрана како една од кореографите во рамките на програмата „Moving Balkans“, каде што го презентирав проектот пред продуценти од цела Европа во Ријека. Ова отвори можности за соработка со фестивали, институции и други значајни платформи.

    Во изминатите години особено важна беше и соработката со театарот Лихтхоф во Хамбург, со кој го копродуцирав делото „Лиминално тело“. Таа соработка продолжи со нивна поддршка и поддршка од фондацијата „Шехерезада“.

    Сите овие процеси доведоа до развој на ново проектно досие, преку кое добив поддршка од градот Цирих, кантонот Цирих и уште неколку фондации во Швајцарија. Постепено, градејќи силен и квалитетен тим, создадовме услови проектот да прерасне во делото што е денес, со планирана интернационална турнеја во текот на 2026 и 2027 година.

    Во обид да ги надминам традиционалните, хиерархиски – често патријархални модели на работа, се стремев кон создавање хоризонтален креативен процес. Тоа ми донесе ново искуство и ја продлабочи мојата уметничка практика.

    Во овој процес значајна поддршка добив и од моите ментори Каролин Баур и Патрик Мулер, во рамките на програмата за магистерски трансдисциплинарни студии на Универзитетот за уметности во Цирих.

    Отворајќи ги овие теми, бев соочена со многу лични прашања, а самото раѓање на делото беше тежок, речиси акушерски процес. Го доживувам како длабоко трансформативно искуство, кое ќе продолжи да ги обликува моите идни уметнички истражувања.

    Пари: Со какви тешкотии се соочува еден креативец од третиот свет кога ќе пристигне во земја како што е Швајцарија? Дали твојата професионална интеграција одеше мазно?

    Балабанова: За жал, Северна Македонија сè уште се третира како трета земја во однос на поразвиените европски контексти, па кога зборуваме за тешкотиите на еден уметник, неизбежно е да се земе предвид и недостатокот на привилегии со кои настапуваме на интернационалната сцена. Тоа се чувствува на многу нивоа – од административни процедури до пристап до ресурси и мрежи.

    Но, она што Балканот ме научи е нешто што го носам како сила: непоколеблива верба, издржливост и креативност во изнаоѓање решенија – и во приватниот и во професионалниот живот. Секогаш се водам од мислата дека секој што дисциплинирано и посветено ѝ отстапува простор на својата вокација, има среќа музата повремено да го посети.

    Во целиот процес се обидувам да ги зачувам своите морални вредности и искреноста во односот со луѓето, но и да создадам една нова релација со себе. Зашто, на крајот, не сме сами сè додека можеме да бидеме со себе.

    Мојата интеграција не течеше мазно. Морав да научам многу нешта, да ги преиспитам и да ги променам сопствените шеми на размислување, да се трансформирам и надоградувам.

    Често бев соочена со несигурност и збунетост. Но, со текот на времето, сликата постепено се избистри и дојдов до точка во која можев свесно да одберам кои вредности од моето потекло сакам да ги задржам, а кои да ги прифатам од новата средина. На тој начин создадов една нова верзија на себе.

    Овој процес често го опишувам како создавање „трето тело“, кое не припаѓа целосно никаде, но токму затоа има слобода да постои надвор од фиксни национални и социјални рамки.

    На овојпат не бев сама. Огромна поддршка добив од моето семејство, од пријателите, од новите релации во Швајцарија – дел од кои денес ги чувствувам како свое второ семејство, како и од ментори што ми дадоа силен поттик во моменти на сомневање.

    Особено значајна беше поддршката од „Танц+ Цвики“, танцовиот центар што застана зад мене во процесот на добивање работна виза по студиите – еден навистина комплексен и исцрпувачки административен процес. Денес, како уметнички директор на одделот за урбани танци таму, имам стабилна подлога што ми овозможува паралелно да ги развивам и своите авторски проекти.

    Пари: Во Македонија остави значаен печат во доменот на современиот танц преку културниот центар „Битрикс“ во кој третираше теми како семејно и родово базирано насилство. Дали понекогаш носталгично се вртиш назад?

    Балабанова: „Битрикс“ секогаш ќе биде дел од мене, независно каде се наоѓам. Преку него допревме теми како семејното и родово базираното насилство. Ако навистина веруваме во уметноста како политички чин, а јас длабоко верувам во тоа, тогаш овие теми не можат да останат недопрени.

    Инаку, верувам дека многумина од нас што заминале од Македонија ја носат во себе постојаната потреба да се вратат дома. Причините се многубројни, но најсилна е топлината и блискоста што ја имаме со луѓето таму.

    Во исто време, кога еднаш ќе ги прошириш своите хоризонти, заминувањето повеќе не е конечно. Јас се чувствувам како да сум присутна на многу места истовремено. Затоа, иако можеби нема да се вратам назад физички, за мене е важно да останам активна и поврзана со домашната сцена – преку соработки, размена и заедничко градење.

    Во овој момент, мојот фокус е насочен кон продлабочување на сопствената уметничка практика и развој на асоцијацијата BALA Productions во Цирих, како и кон нејзино позиционирање.

    Она што го добив во Швајцарија е сериозна поткрепеност во теоретски рамки. Иако работам со различни методи и вокабулари во креацијата, немам јасно дефинирана формула или метод. Имам само доверба во процесот и во телото како носител на знаење и огромна љубопитност што води кон неизбежни трансформации.

    Исто така, денес сè повеќе откривам начини на кои можеш да бидеш локално, политички и критички активен. Тоа значи да се отвораат прашања што не се однесуваат само на уметноста, туку и на пошироки, глобални процеси.

    Сфаќам дека ова е суштински важно за мене – не можам да дејствувам исклучиво како уметник. Пред сè, јас сум човек во овој свет, со порив да придвижува, да отвора простор и да иницира промена.

    Пари: Живееш во Цирих. Опиши ни го уметничкиот и животен пулс на овој мал Вавилон. Каде ги наоѓаш своите катчиња и луѓе што прават да се чувствуваш своја на своето?

    Балабанова: Процесот на интеграција беше подолг отколку што очекував и би рекла дека дури сега почнувам навистина да се чувствувам како дома во Цирих.

    Швајцарија ми отвори простор за една системска сигурност, која за некој што доаѓа од Балканот носи и свои предизвици, но истовремено ми даде нешто многу вредно – време и простор да бидам со себе.

    Во тој простор почнав да ги забележувам и да уживам во малите, но значајни привилегии: чистиот воздух, природата што постојано повикува на движење, точноста на секојдневието и стабилноста што овозможува уметноста да се развива.

    Сепак, најмногу ме полнат едноставните моменти – сончевите денови покрај реката Лимат, тишината на студиото кога работам без притисок, разговорите што полека прераснуваат во блиски односи.

    Цирих за мене е град на суптилни слоеви – можеби не веднаш гласен, но длабоко жив. Тука постојано се отвораат нови хоризонти: уметност од целиот свет, пристап до знаење, луѓе што размислуваат критички и дејствуваат свесно.

    Ме инспирира токму таа комбинација меѓу надворешната структура и внатрешната слобода, меѓу тишината и движењето. Во таа динамика, полека го наоѓам своето место и чувството дека сум своја на своето.

    Мимоза Петревска Георгиева

    (Дописник на Пари од Швајцарија)

    Фотограф: Aња Калин

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично