ПОВЕЌЕ

    Глобален енергетски преглед 2026: пет трендови што ја менуваат енергетската иднина

    Време зa читање: 7 минути

    Најновиот Глобален енергетски преглед 2026 (Global Energy Review 2026) на Меѓународната агенција за енергија покажува дека глобалниот енергетски систем влегува во нова фаза на структурна трансформација. Во 2025 година, вкупната побарувачка на енергија порасна за 1,3%, што претставува забавување во споредба со претходната година. Но, побарувачката за електрична енергија растеше со околу 3%, односно повеќе од двојно побрзо од вкупната енергетска побарувачка.

    Овој податок ја потврдува главната порака на извештајот: светот веќе влегува во ерата на електричната енергија. Електрификацијата на транспортот, индустријата, зградите, податочните центри и домаќинствата станува еден од најважните двигатели на глобалната економија.

    Истовремено, нискоемисионите извори како што се: фотонапонските електрани, ветерни електрани, хидроелектрани, нуклеарна енергија и други обновливи извори обезбедија речиси 60% од растот на глобалната енергетска побарувачка.

    1. Фотонапонските електрани станаа најголемиот извор на раст

    Најсилниот тренд во 2025 година беше историскиот раст на производството од ФН електрани. Производството на електрична енергија од сонце се зголеми за 600 TWh, што е најголем годишен пораст на кој било извор на електрична енергија досега, ако се исклучат периодите на закрепнување по глобални кризи.

    ФН електраните сами обезбедија околу 70% од растот на глобалното производство на електрична енергија. Нивниот удел во вкупното глобално производство надмина 8%, а вкупното производство од ФН електрани достигна речиси 2.700 TWh.

    Рекорден беше и растот на новите капацитети. Во 2025 година во светот беа додадени околу 800 GW нови обновливи капацитети, од кои околу 75% беа ФН електрани. Ова покажува дека соларната енергија повеќе не е периферна технологија, туку централен дел од новиот електроенергетски систем.

    Во исто време, обновливите извори глобално речиси се израмнија со производството од јаглен. Во Европската Унија, уделот на ФН електраните и ветерните електрани достигна 30% од производството на електрична енергија, надминувајќи ги фосилните горива за првпат.

    2. Дата центрите брзо растат, но не се единствениот двигател на побарувачката

    Дигитализацијата, вештачката интелигенција и растот на дата центрите создаваат нов притисок врз електроенергетските системи. Во 2025 година, потрошувачката на електрична енергија од дата центрите порасна за околу 17%.

    Сепак, извештајот покажува дека нивното глобално влијание треба да се гледа прецизно. Дата центрите се важен и брзорастечки сегмент, но сè уште претставуваат помал дел од вкупниот раст на глобалната побарувачка за електрична енергија. Најголемиот дел од растот доаѓа од зградите, индустријата, апаратите за домаќинство, греењето, ладењето и транспортот.

    САД се посебен пример. Таму дата центрите учествуваа со околу половина од вкупниот раст на потрошувачката на електрична енергија во 2025 година. Ова покажува дека ефектот на вештачката интелигенција и дигиталната инфраструктура ќе биде особено важен во земјите со силна концентрација на технолошки компании и големи центри за обработка на податоци.

    3. Електричните возила ја менуваат врската меѓу економскиот раст и нафтата

    Продажбата на електрични автомобили во 2025 година порасна за повеќе од 20%, достигнувајќи околу 21 милион продадени возила. Тоа значи дека приближно секое четврто ново продадено возило во светот било електрично.

    Овој тренд веќе има јасен ефект врз побарувачката за нафта. Глобалната побарувачка за нафта порасна за само 0,7%, односно за околу 0,65 милиони барели дневно, што е значително под просечниот годишен раст во периодот 2010–2019 година.

    Кина е најважниот пример за оваа промена. Иако кинеската економија силно порасна во периодот од 2021 до 2025 година, потрошувачката на нафта во патниот транспорт остана речиси на исто ниво. Причините се брзата електрификација на возниот парк, поголемата употреба на камиони на природен гас и развојот на брзата железница.

    Во Европската Унија, продажбата на електрични автомобили порасна за 30% во 2025 година. Европа како целина ја надмина Кина како најбрзо растечки голем пазар за електрични автомобили, додека во Норвешка батериските електрични автомобили достигнаа рекорден удел од 96% од сите нови продадени автомобили.

    4. Батериите стануваат столб на флексибилноста на електроенергетските системи

    Батериското складирање беше најбрзо растечка енергетска технологија во 2025 година. Новите капацитети за складирање пораснаа за околу 40%, достигнувајќи речиси 110 GW. Тоа е повеќе од најголемиот годишен раст што некогаш бил забележан кај нови капацитети на природен гас.

    Ова е клучна промена за електроенергетските системи. Како што расте уделот на ФН електраните и ветерните електрани, така расте и потребата од флексибилност, складирање и брза реакција на системот. Батериите овозможуваат апсорбирање на вишоците производство, испорака на електрична енергија во часови на повисока побарувачка и стабилизирање на мрежата.

    Затоа батериите повеќе не треба да се гледаат само како дополнителна технологија. Тие стануваат инфраструктурен елемент на новиот енергетски систем, заедно со мрежите, управувањето со потрошувачката и дигиталните системи за балансирање.

    5. Чистата енергија го забавува растот на CO₂ емисиите

    Глобалните енергетски емисии на CO₂ во 2025 година пораснаа за околу 0,4%, односно значително побавно од растот на вкупната енергетска побарувачка од 1,3%. Иако емисиите сè уште достигнаа ново рекордно ниво од над 38 милијарди тони, нивниот раст продолжува да забавува.

    Главната причина е брзото ширење на чистите технологии. Според извештајот, технологиите инсталирани од 2019 година наваму, фотонапонски електрани, ветерни електрани, нуклеарна енергија, електрични автомобили и топлински пумпи ,во 2025 година избегнале повеќе од 35 EJ годишна побарувачка на фосилни горива. Тоа е околу 7% од глобалната годишна потрошувачка на фосилни горива.

    Истите технологии спречиле околу 3 милијарди тони CO₂ емисии годишно, што е приближно 8% од глобалните емисии. Избегнатата побарувачка за јаглен е поголема од целокупната годишна потрошувачка на јаглен во Индија, додека избегнатата побарувачка за природен гас е еквивалентна на речиси половина од глобалниот пазар на течен природен гас.

    Кина забележа пад на енергетските CO₂ емисии од околу 0,5%, главно поради силниот раст на обновливите извори, намаленото користење јаглен во производството на електрична енергија и структурните промени во енергетски интензивната индустрија. Во Индија, емисиите останаа речиси на исто ниво за првпат по 1970-тите години, што се должи на комбинација од силен монсун, повисоко хидропроизводство и раст на обновливите извори.

    Чистите технологии веќе имаат мерлив ефект

    Новата енергетска реалност веќе започна

    Глобалниот енергетски систем повеќе не е во рана фаза на транзиција. Податоците за 2025 година покажуваат дека светот веќе функционира во нова енергетска реалност, во која електричната енергија, ФН електраните, батериите, електричните возила и нискоемисионите технологии имаат централна улога.

    Но, извештајот истовремено покажува дека транзицијата не е линеарна и не е без ризици. Екстремните временски услови, слабата хидрологија, недоволното производство од ветер во одредени периоди и повисоката потрошувачка на природен гас во зима покажуваат дека електроенергетските системи ќе мора да инвестираат многу повеќе во мрежи, батерии, флексибилност и енергетска ефикасност.

    Главната порака е јасна: чистата енергија веќе ја менува глобалната енергетска економија, но следната фаза ќе зависи од тоа колку брзо земјите ќе ги модернизираат своите мрежи и ќе создадат системи што можат сигурно да интегрираат голем удел на обновливи извори.

    м-р Виктор Андонов

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично