ПОВЕЌЕ

    СЕКОЈА ГОДИНА СÈ ПОВЕЌЕ ПАРИ НА КОЦКА – Лани се потрошени над 852 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Приходите на обложувалниците и на фирмите за игра на среќа растат од година во година. Тоа значи дека сè повеќе наши сограѓани наоѓаат задоволство во обложување или ја испробуваат среќата на разни апарати. За некого можеби тоа е кусо задоволство со буџет од 100 денари еднаш во неделата, но за многумина е зависност.

    Анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа открива дека минатата година вкупниот приход на друштвата што приредуваат игри на среќа, или, пак, места за обложување, изнесува 852,2 милиони евра. Во 2024 година износот бил 836,5 милиони евра, а во 2023 година изнесувал 791,3 милиони евра. Ова значи дека само во последниве три години ова задоволство ги чинело граѓаните безмалку 2,5 милијарди евра.

    Извор: Бизнис мрежа

    Вкупната добивка на секторот изнесува 67 милиони евра. Но, иако приходот е зголемен, вкупната добивка е намалена за 9,7 насто. Збирно, во последните три години добивката на секторот е 209,8 милиони евра.

    Извор: Бизнис мрежа

    Најголемата концентрација на обложувалници и играчници е во Скопје. Таму има регистрирано 27 фирми што се занимаваат со оваа дејност. Потоа е Гевгелија, каде што казината се пограничен бизнис, каде што доаѓаат многу Грци во нотлите стокмени токму за игрите на среќа. Во овој град 5 фирми се занимаваат со оваа дејност, а следи Битола со 3 компании.

    Извор: Бизнис мрежа

    Новиот закон за игрите на среќа сè уште не е донесен, но веќе предизвикува силни реакции во јавноста и во индустријата. Владата во мај го утврди новиот усогласен текст на предлог-законот и го испрати во собраниска процедура, каде што треба да помине расправа и гласање.

    Со предложените измени се предвидува казината, автомат-клубовите и дел од обложувалниците да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта, како и построги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа. Владата тврди дека целта е поголема заштита на младите и борба против нелегалното коцкање.

    Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со новиот закон треба да се воведе ред и дисциплина во секторот, оценувајќи дека државата не смее да наликува на Лас Вегас поради големиот број објекти за коцкање и агресивните реклами.

    Од друга страна, приредувачите на игри на среќа предупредуваат дека дел од мерките би можеле сериозно да го погодат секторот, да доведат до затворање на објекти и губење работни места. Дебатата се води меѓу потребата за заштита на јавниот интерес и стравувањата од економските последици врз една индустрија што вработува 8.246 луѓе.

    Најмногу вработува Друштвото за промет и услуги СПОРТ – ЛАИФ ТРЕЈД ДОО Скопје – има 866 вработени, потоа е Друштвото за коцкање и обложување МА ГАМИНГ ДООЕЛ Скопје со 734 вработени и на трето место е Друштвото за приредување игри на среќа ДЕЛТА БЕТ ДОО Скопје со 629 вработени.

    Следно: Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично