ПОВЕЌЕ

    ДЕСЕТ КОМПАНИИ ГО ВРАБОТУВААТ секој десетти прилепчанец

    Време зa читање: 3 минути

    Движечката сила на прилепската економија лани ја претставувале 15.134 лица, официјално вработени во 2.538 трговски друштва. Зад себе оставиле приход од над 843 милиони евра и добивка од близу 58 милиони евра, остварувања од кои корист имаат работодавачите, локалната самоуправа и државата.

    Воедно, успеале да го зголемат приходот за 8,63 насто и добивката за 1,66 насто, и покрај тоа што нивната бројност опаднала за 4,6 насто. Тој процент ги означува за една година загубените 729 работници. Или, како што произлегува не само од оваа, туку и од повеќето анализи на Пари: помалку луѓе – повисока продуктивност. Сето тоа е потврдено со податоците од Бизнис Мрежа.

    Прилеп има меѓу 65 и 70 илјади жители (69.025 според Пописот од 2021 година). Ако се оди по тие бројки, секој десетти прилепчанец обезбедува плата кај некоја од десетте компании – најголеми работодавачи. Нивните колективи минатата година броеле 6.623 лица што, пак, е околу 44 насто од сите вработени во градот. Попрецизни информации има во извештаите за сработеното во 2025 година, што ги доставиле повеќе од 2.500 фирми. Со други зборови, концентрацијата на работните места е во индустриските системи, а остатокот од локалната економија функционира со значително помали капацитети.

    Мотор на работната сила останува Гентерм, иако „врти“ со намалена енергија. За една година бројот на вработените опаднал за речиси една петтина. Од 2.719 во 2024 година на 2.226 вработени лани. Падот од 18,1 насто се должи и на состојбите во европската автомобилска индустрија, од која зависат нарачките, а и потребата од кадар.

    СТОБИ ФЛИПС, ТУТУНОТ И МЕРМЕРОТ ја полнат прилепската каса

    Сосем е поинаква сликата во ВИК Македонија. Од 706 станале 900 вработени. Со годишната промена од 27,5 насто, ова е работодавачот што најмногу ветува во топ 10-те компании. Се работи за компанија што е дел од меѓународна групација за производство на електрични апарати за домаќинство.

    Работа има и во Комфи-Ангел, чиишто перници, јоргани, постелнини и сл. завршуваат во повеќе од 20 европски држави: Германија, Франција, Велика Британија, Италија… Месечното производство од стотици и стотици илјади производи лани се потпирало на 812 вработени, за петмина помалку од претходната година (– 0,61 %).

    Мал пад на бројноста (– 3,32 %) бележат и Витаминка (641 вработен) и Мермерниот комбинат (– 1,05 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Со тутун се поврзани три компании од најголемите работодавачи, со опфат на вкупно 1.164 ангажирани лица. За Секе минатата година работеле 443 вработени (+ 6,7 %), а во Тутунскиот комбинат 414 (+ 0,73 %). Во тимот на Инако има негативна промена од 6,4 насто, односно од 328 останале 307 вработени. Очигледно е дека производството, откупот, трговијата, извозот на „жолтото злато“ и производите од тутун сè уште имаат голема егзистенцијална тежина.

    М.А. 

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично