
Тутун и цигари, пиво, мермер, силна прехранбена, текстилна, металопреработувачка и електронска индустрија ја обликуваат економијата на градот под Марковите кули. Во ваков диверзифициран амбиент бизнисите се носители на развојот, а лани испорачаа солидни резултати – со раст на приходот и умерено зголемување на добивката.
Остварени се 843,5 милиони евра приход и добивка од 57,7 милиони евра. Бројките произлегуваат од годишните извештаи на 2.538 трговски друштва со адреса во Прилеп, кои заедничкиот промет го зголемиле за 8,63 насто, а профитот за 1,66 насто. Но, ниту прилепските компании не се надвор од генералниот тренд на намалување на работната сила, без оглед што процентот е понизок во споредба со другите градови.
Кој е кој во прилепскиот деловен живот покажува оваа анализа на Пари. Користени се податоци од базата на Бизнис Мрежа.
Извор: Бизнис Мрежа
ТОП 10 КОМПАНИИ НОСАТ РЕЧИСИ ПОЛОВИНА ОД ЕКОНОМИЈАТА
Минатата година кај десетте најголеми компании по приход се слеале 407,1 милион евра. Оттука и претставата дека кај нив се лоцира речиси половина од економската активност. Имаат удел од 48,3 насто во вкупниот приход на сите компании. Процентот би бил и повисок ако четири од водечките друштва не забележале пад на приходната страна.
Производите на Витаминка се продаваат дома и во 30 земји, каде што одат 47 насто од годишното производство, а лани ѝ донеле 77,3 милиони евра, што е за 26,74 насто повеќе од преклани. Со тој резултат, во најдобрите десет оваа компанија учествува со 19 насто.
На прилепското тло, втора по висината на приходот од 56,3 милиони евра е компанијата Гентерм. Нејзините резултати зависат од циклусите во европската автомобилска индустрија, на што веројатно се должи ланскиот пад од речиси 11,7 насто.
Најголемиот процентуален исчекор, пак, од над 94,8 насто, е регистриран кај приходот на Секе. Компанијата, која е дел од грчка групација, од откупот, обработката и извозот на тутун инкасирала 53,3 милиони евра.
Со раст од близу 70 насто се издвојува и Тутунскиот комбинат, кој е еден од главните столбови на тутунската индустрија во Македонија.
Извор: Бизнис Мрежа
МЕРМЕРОТ И ТУТУНОТ СЕ НАЈПРОФИТАБИЛНИ
Заедничката добивка на најпрофитабилните десет прилепски компании бележи раст од 8,5 насто, при што е постигнат износ од 30,6 милиони евра. Конкретно, генерираат 53 насто од добивката на споменатите повеќе од 2.500 фирми.
Најголемата заработка ја носат мермерот, тутунот и пивото. Мермерниот комбинат е предводник со остварените 12,6 милиони евра, а таа позиција не ја загрозило ниту намалувањето од безмалку 15,3 насто.
Следи Тутунскиот комбинат со 6,3 милиони евра. Во овој случај значаен е растот на добивката од речиси 116 насто. Што се однесува до Прилепската пиварница, која е еден од заштитните знаци на градот, годишната промена е позитивна (+ 10,58 %) со исход од 2,5 милиони евра.
Од аспект на зголемувањето, и во овој сегмент доминантната позиција ја има Секе, чијашто добивка ја следи годишниот раст од 239,42 насто. Сигурно се задоволни и во ВИК Македонија. Производството на електричните апарати за домаќинството обезбедило за 154,7 насто повисока добивка.
Сѐ на сѐ, осум од десетте најпрофитабилни компании забележале раст на добивката, меѓу кои најмалото поместување не достигнува еден процент. Кај две компании добивките се намалиле.
Извор: Бизнис Мрежа

Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








