
Директор на македонска фирма може да побара три идеи за примена на модели на вештачка интелигенција, да добие три добри предлози и сè уште да нема стратегија. Три добри идеи за вештачка интелигенција не се стратегија. Ако еден модел може да го предвиди бројот на повици, тимот полесно ќе ја планира вечерната смена. Но, колку им значи на клиентите тоа што можат да се јават и навечер? Од директорот би сакал да слушнам зошто некој би ја избрал токму неговата фирма и што е подготвен да направи за тој човек да има причина повторно да ѝ се врати.
Потврда за ова размислување најдов во Kellogg Insight. Роб Апатоф забележува дека раководството може да потроши многу пари за да изгради нешто со вештачка интелигенција, па дури потоа да истражи за што би се користело. Според него, прво треба да утврди што сака да постигне организацијата, а потоа да види во кој аспект вештачката интелигенција може да ѝ помогне. Мислам дека редоследот е важен уште пред да потрошиме еден денар. Кога ќе побараме „стратегија за вештачка интелигенција“, уште со името сме им кажале на луѓето кои идеи имаат добри шанси да стигнат до следниот состанок.
Што избираме кога велиме дека имаме стратегија?
Малкумина би се спротивставиле на цел како „подобра услуга за клиентите“. Токму затоа од согласноста околу таа цел не можеме многу да заклучиме. Еден директор под подобра услуга подразбира дека фирмата ќе биде достапна секогаш кога некому му треба помош. Друг сака клиентите да ја избираат затоа што, ако нешто тргне наопаку, таа ќе го среди без човекот да мора повторно да ја бара. И двајцата можат искрено да го мислат тоа што го ветуваат. Разликата станува видлива кога имаат луѓе и пари да исполнат само едно од тие ветувања.
За мене тука почнува стратегијата. Стратегија не е список на добри идеи; таа е избор меѓу добри идеи. Раководството избира на кои клиенти ќе им даде предност и кое ветување може доследно да им го исполни. Ако достапноста е причината поради која луѓето доаѓаат кај нас, вечерната смена заслужува пари и кога преку ден ни недостигаат луѓе. Ако сме ветиле дека сами ќе ги исправаме грешките, тогаш некој мора да има и време и овластување да го направи тоа. По тоа што сме подготвени да го одложиме за да си го одржиме зборот се гледа колку сериозно сме го дале ветувањето.
Ваквата одлука има вредност и кога директорот не е на состанокот. Утре двајца раководители ќе треба да одлучат на што да ги посветат истите луѓе. Ако од стратегијата запаметиле само дека фирмата сака да биде подобра, и двајцата ќе можат да го оправдаат својот предлог. Ако знаат кое ветување има предност, имаат и основа еден од нив да отстапи, дури и кога неговиот предлог е добар. Токму во тоа ја гледам практичната вредност на стратегијата. Таа им дава на луѓето основа да донесат одлука зад која директорот ќе застане и кога не учествувал во расправата.
Како алатката го презема изборот?
Замислете фирма што на еден клиент двапати му ја наплатила истата услуга. За една минута го известуваат дека приговорот е примен, а парите му ги враќаат по две недели. Поддршката предлага асистент што и навечер ќе може да објасни кои документи се потребни. Финансиите покажуваат дека проверениот налог цела недела чекал потпис бидејќи се потпишува само во петок. Истото овластено лице може да потпишува и во вторник. Во статијата за нордиското искуство пишував зошто тргнуваме од исходот што го сакаме и колку може да се чека по првиот одговор. Тоа што ме интересира тука е колку лесно вториот предлог можеби нема да стигне до директорот.
Двете промени можат да се направат. Но ако состанокот се вика „стратегија за вештачка интелигенција“, асистентот веднаш има предност: не затоа што е подобро решение, туку затоа што одговара на темата на состанокот. Поддршката има за што да побара пари, а раководителот на финансиите со право може да помисли дека потписот си е негова работа и да не го спомене. Директорот би можел да го одобри асистентот и да си замине уверен дека решил што ќе направи фирмата за „побрза услуга“. Ребека Хомкес пишува како посебната стратегија за вештачка интелигенција може да почне да се натпреварува со деловните приоритети. Во нашиот пример тоа би се случило тивко. Никој дури и не би морал да гласа против побрзото враќање на парите.
Може ли вештачката интелигенција да ја промени и самата стратегија?
Може, а тоа е и причината зошто на технологијата би ѝ дал место во разговорот за иднината на фирмата. Секој стратешки избор содржи и претпоставка што може да се покаже погрешна. Да речеме дека сме уверени дека клиентите си одат поради бавното решавање на проблемите. Ако во разговорите со луѓе што не го обновиле договорот постојано слушаме дека си заминале затоа што не можеле да нè добијат по работното време, би ја преиспитал таа одлука. Би испитал дали вечерната помош навистина им менува нешто на луѓето што сме ги изгубиле. Фактот дека асистентот умее да состави одговор во десет часот навечер е доволен за да го испробаме. За да го смениме ветувањето кон сите клиенти, би сакал да видам и дали тие успеале да ја завршат работата поради која ни се обратиле.
Затоа има место и за обид со вештачка интелигенција за кој однапред не го знаеме исходот. Технологијата може да ни открие дека сме способни да им служиме и на луѓе за кои досега нашата услуга била недостапна. Тоа го менува изборот пред раководството. Некој треба да реши дали ќе ја преземе и таа обврска, со кои луѓе и на сметка на која друга работа. Откако ќе ја донесе таа одлука, планот за примена на вештачката интелигенција има јасна улога. Тоа не значи дека на компанијата не ѝ треба план за вештачка интелигенција, туку дека тој план треба да следи од деловната стратегија, а не да се натпреварува со неа. Во него може да се види кој дел од услугата ќе се промени, кој ќе одговара за неа и по што клиентот ќе ја почувствува разликата.
На следниот состанок би почнал со прашање до директорот. На што сакате клиентите да можат да сметаат кај вас, дури и кога ќе ве чини повеќе да си го одржите зборот? Со тој одговор на маса, тимот може да ги спореди своите три предлози со други начини да го исполни истото ветување. Можеби еден од предлозите ќе заслужи пари, а можеби директорот ќе ги одбие сите три. Ако и тогаш на луѓето им е јасно на што да работат следното утро, како и што да одложат или одбијат, стратегијата почнала да ја врши својата работа. Не ви треба посебна стратегија за вештачка интелигенција. Ви треба деловна стратегија доволно јасна за да знаете каде припаѓа вештачката интелигенција.
Автор: Филип Петровски, Data Masters
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








