
Фирмите со сметки во „Алта банка“ АД Битола од денес, 25 ноември, можат да располагаат со целиот износ на новите уплати што им пристигнуваат од сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги, соопшти Народната банка. Со ова и правните лица ја добиваат можноста што веќе важи за граѓаните.
За граѓаните, целосно се достапни новите приливи по сите основи, вклучувајќи ги платите, пензиите и социјалните трансфери, кога уплатата доаѓа од сметка кај друг давател на платежни услуги. Според Народната банка, за да ги користат овие средства, граѓаните нема потреба да отвораат сметка во друга банка. Средствата може да ги користат преку електронско или мобилно банкарство, со платежна картичка или со подигање готовина на отворените шалтери.
Отворени се филијалите во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во трговскиот центар „Бисер“ во Скопје. На шалтерите клиентите можат да подигаат готовина, да плаќаат комунални сметки и да отплаќаат кредити.
За средствата што и понатаму подлежат на ограничувања, лимитот е 15.000 денари неделно за клиентите со платежна картичка и 20.000 денари во период од две недели за клиентите без картичка. Лимитите се пресметуваат збирно за сите сметки на клиентот и за сите начини на плаќање и повлекување средства.
Народната банка соопшти дека продолжува да ја следи состојбата во „Алта банка“ и да презема мерки за полесен пристап на клиентите до нивните средства.
Аналитика








