Монтажни куќи произведени во Македонија ќе се извезуваат на европскиот пазар, доколку се реализира инвестицијата на холандската компанија Тујнкамер, која е во фаза на разгледување. Компанијата веќе има регистрирано друштво во земјава, Тујнкамер ДООЕЛ Скопје, а сега ги испитува можностите за избор на соодветна локација и производствен објект во рамките на технолошките индустриски развојни зони.
Потенцијалната инвестиција била тема на денешната средба меѓу директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, и претставници на холандската компанија. Се разговарало за инвестициските можности, расположливите парцели, инфраструктурната опременост на зоните и условите и постапките за реализација на планираниот производствен проект.

Димовски ги претставил можностите што ги нудат индустриските зони, со акцент на инфраструктурата и локациите што би одговарале на потребите на компанијата. Посочил дека Дирекцијата е подготвена да обезбеди детални информации за расположливите локации, насоки за инвестициските постапки и координација со надлежните институции.
Претставниците на Тујнкамер ги презентирале плановите за проширување на производството и барањата поврзани со изборот на соодветен простор за воспоставување производствен капацитет.
Холандската компанија е специјализирана за проектирање и изработка на објекти по мерка, меѓу кои градинарски куќи, викендички, објекти за сместување гости и канцелариски простори наменети за домашни дворови. Во нејзината понуда се и монтажни модели, а производствениот процес опфаќа проектирање, подготовка на елементите во сопствена работилница и нивна монтажа на локацијата на купувачот.
Според податоците, De TuynKamer е семејна фирма со седиште во Недерхемерт, основана од Нико ван Акен во 2013 година. Единствениот погон и изложбен простор се наоѓаат во Холандија, каде што се ангажираат 10 до 15 вработени – дизајнери, технички цртачи, столари, монтери…
Аналитика








