
Како да се модернизира енергетската мрежа и да се отворат можности за нови вложувања во обновливи извори на енергија беше една од темите на средбата на министерката за енергетика Сања Божиновска со шведскиот амбасадор Ола Солстром. Разговорите се одржаа во пресрет на првиот Форум за енергетска дипломатија, закажан за 25 ноември во Скопје, за кој шведската амбасада изрази поддршка.
Божиновска и Солстром разговараа за можностите за поблиска соработка на стратешки инфраструктурни проекти. Модернизацијата на мрежата и развојот на капацитети за обновлива енергија беа издвоени како области во кои двете земји гледаат простор за соработка.
На форумот „Обновливи извори и жени во енергетиката“ ќе се разговара и за учеството на жените во енергетскиот сектор и во енергетската дипломатија. Според Солстром, ваквите иницијативи можат да помогнат и во привлекувањето зелени инвестиции и во забрзувањето на енергетската транзиција.
Форумот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации, Програмата за развој на ОН (УНДП) и Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ).
Аналитика








