Секој втор возрасен пуши, повеќе од една четвртина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно, а месечниот трошок за тоа задоволство е 4.800 денари
Колку и да е тенок семејниот буџет, за цигари се наоѓаат пари. А вистинската сметка, многу поголема од онаа во продавницата, ја плаќаме сите. С. Секој втор возрасен граѓанин во Македонија пуши, а со вклучување на производите со загреан тутун и електронските цигари, распространетоста на употребата достигнува 54 проценти. Пушачите месечно трошат околу 4.800 денари, но и покрај тој издаток, цигарите стануваат сè подостапни во однос на платите. Во меѓувреме, расте интензитетот на пушење, а само мал дел од граѓаните се обидуваат да се откажат.
И додека државата од оданочувањето на тутунот годишно прибира меѓу 11 и 18 милијарди денари, трошоците од последиците на пушењето надминуваат 38 милијарди денари. Тоа е економската сметка на навиката што, според новите податоци, опфаќа половина од полнолетното население.
Наодите произлегуваат од националното истражување на Аналитика спроведено годинава со опфат на 1.065 возрасни лица. Резултатите беа претставени на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, организирана од Аналитика во соработка со Светската здравствена организација (СЗО).
Истражувањето покажува дека во споредба со 2020 година е зголемено секојдневното пушење, како и бројот на цигари што се консумираат. Повеќе од една четвртина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно, а околу 40 проценти пушат од 10 до 20 цигари.
Но, покрај здравствените последици, постои и економскиот парадокс – цигарите станале подостапни во однос на куповната моќ на населението.
Цигарите се подостапни, последиците сè поскапи
Пушењето не е само здравствен проблем. Тоа ги оптоварува семејните буџети, го намалува работниот потенцијал и создава значителни трошоци за здравствениот систем и економијата.
Конференцијата ја отвори министерот за здравство Сашо Клековски, кој посочи дека прашањето за пушењето мора да се разгледува и преку достапноста на цигарите, односно преку цената што ја плаќаат пушачите, но и целото општество.
Доказите за штетноста на пушењето се недвосмислени, истакна претставникот на СЗО во Македонија, д-р Аким Али. Употребата на тутун е поврзана со рак, срцеви и мозочни удари и респираторни заболувања, а последиците се особено загрижувачки кај младите, бидејќи влијаат врз нивниот раст, развој и долгорочната благосостојба на семејствата.
Според Али, проблемот не се ограничува само на здравствениот сектор. Пушењето предизвикува големи економски загуби, ја намалува продуктивноста и одзема човечки животи.
Тој направи споредба меѓу приходите од оданочувањето на тутунот и трошоците што ги предизвикува пушењето, посочувајќи дека годишните приходи за државата се проценуваат на 11 до 18 милијарди денари, наспроти трошоците од последиците кои одат и над 38 милијарди денари.
„Кога ќе ја направиме пресметката, трошоците се многу поголеми од приходите што ги остваруваме од пушењето“, рече Али и предупреди дека без навремени мерки земјата ризикува да создаде генерација зависници од тутун, особено поради сè поголемата употреба на новите тутунски и никотински производи меѓу адолесцентите.
Али ги повика пратениците да го придвижат и усвојат законското решение, нагласувајќи дека пушењето не им штети само на оние што пушат, туку и на целото општество преку пасивното пушење.
Според посочените податоци, шест од десет лица при излегување во ресторани, на пијалак или при дружење се изложени на тутунски чад, што претставува сериозен ризик и за непушачите.
Како најефикасни мерки во борбата против пушењето, претставникот на СЗО ги посочи зголемувањето на акцизите и цените на тутунските производи, заштитата на непушачите од изложеност на чад, обезбедувањето стручна помош за откажување од пушењето и посебната заштита на младите.
„Тутунот треба да стане ценовно недостапен за луѓето. Младите и оние кои веќе користат тутун треба да застанат и да размислат пред да посегнат по парите во џебот за да купат тутун“, вели Али.
Тој нагласи дека пушењето не е прашање на животен стил, туку зависност, поради што државата треба да обезбеди услуги и поддршка за оние кои сакаат да се откажат. СЗО, како што информираше, веќе соработува со центрите за јавно здравје во Битола и Прилеп за развивање вакви услуги, со можност за нивно проширување и во други делови од земјата.
Повеќе од една четвртина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно
Програмската директорка на Аналитика, Тамара Мијевиќ Спасова, презентирајќи ги резултатите од истражувањето спроведено врз 1.065 граѓани, истакна дека распространетоста на пушењето меѓу полнолетното население изнесува 50 проценти, а кога ќе се вклучат и производите со загреан тутун и електронските цигари, достигнува 54 проценти.
Во споредба со првиот бран на истражувањето од 2020 година, зголемено е секојдневното пушење, односно интензитетот на употребата и потрошувачката на цигари.
Повеќе од една четвртина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно и спаѓаат во категоријата тешки пушачи, додека околу 40 проценти пушат од 10 до 20 цигари дневно.
Загрижувачки се и податоците за обидите за откажување. Само 10 проценти од граѓаните се обиделе да престанат со пушење, а најдолгиот период на апстиненција во просек изнесувал два и пол месеца.
Кога сепак се одлучуваат на таков чекор, најчесто ги мотивираат парите и здравјето. Цената на цигарите како причина за откажување ја посочиле 47 проценти од испитаниците, а советот од лекар бил мотив за околу 36 проценти.
Мијевиќ Спасова оцени дека овој податок е особено важен за здравствените власти, бидејќи покажува дека примарната здравствена заштита и советите од лекарите можат да имаат значајна улога во поддршката на граѓаните кои сакаат да престанат да пушат.
Цигарите поскапуваат ама многу под растот на платите
Иако пушачите секој месец издвојуваат значителен износ за цигари, нивната цена растела многу побавно од куповната моќ. Реалниот раст на платите во анализираниот период изнесува 36 проценти, а цените на цигарите пораснале за 8,8 проценти.
Месечниот трошок од 4.800 денари по пушач, пак, на годишно ниво достигнува 57.600 денари, односно приближно 937 евра. Тоа е износ поголем од една просечна месечна плата.
И покрај високата распространетост на пушењето, резултатите покажуваат и значителна поддршка за дел од законските ограничувања. Дури 90,3 проценти од анкетираните биле запознаени со новиот закон за забрана на пушењето, а 83,6 проценти поддржуваат забрана за пушење во возила во кои се превезуваат малолетници. Забраната за онлајн рекламирање, особено на новите никотински и тутунски производи, ја поддржуваат 60 проценти, додека 40 проценти се изјасниле за забрана на пушењето во јавните простории.
Мијевиќ Спасова оцени дека постои значителна поддршка од граѓаните за спроведување на законот и повика неговото усвојување да не се одложува.
Кај најсиромашните семејства цигарите одземаат и 30 проценти од доходот
Колку пушењето тежи врз семејните финансии, особено врз оние со најниски приходи, објасни професорот Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ.
Тој наведе – ако во едно домаќинство има еден пушач, околу една петтина од минималната месечна плата се троши за цигари. Кај 20 проценти од најсиромашните домаќинства, во кои има двајца пушачи, за цигари се издвојуваат околу 30 проценти од годишниот доход.
Треновски посочи дека зголемувањето на цените може значително да влијае врз намалувањето на бројот на пушачи, особено кај посиромашните категории население. Како што рече, со зголемување на цената и намалување на достапноста, бројот на пушачи во овие категории може да се намали за осум до девет проценти, а годишно од шест до осум илјади млади луѓе би можеле да не започнат со пушење.
Но, трошокот за цигари е само еден дел од економската сметка. Последиците од пушењето создаваат дополнителни расходи за лекување, а загубите се чувствуваат и во продуктивноста на трудот.
Според Треновски, директните здравствени трошоци за лекување на последиците од пушењето се проценуваат на околу 65 милиони евра годишно, додека индиректните трошоци, поврзани со продуктивноста на трудот, паузите и загубите во домаќинствата, достигнуваат околу 530 милиони евра.
„Светска банка процени дека трошоците поврзани со пушењето изнесуваат околу 600 милиони евра. Од друга страна, доколку акцизите се зголемат и се приближат до европскиот просек, државниот буџет би можел дополнително да добие од 100 до 110 милиони евра годишно“, рече Треновски.
Тој оцени дека со зголемувањето на акцизите би се постигнал двоен ефект – намалување на бројот на пушачи и зголемување на буџетските приходи. Или, со ваквите мерки во период од пет години распространетоста на пушењето би можела да се намали за пет до шест процентни поени, од сегашните 50 на околу 44 до 45 проценти.
Аналитика








