ПОВЕЌЕ

    Митреска: Вештачката интелигенција може да ја зголеми продуктивноста на Западен Балкан

    Време зa читање: 2 минути

    Вештачката интелигенција може да им помогне на компаниите од Западен Балкан да ја зголемат продуктивноста и полесно да се справат со недостигот од работна сила. Најголемата можност, според вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска, е во брзото усвојување на алатките што веќе постојат. Засега, помалку од 10 отсто од компаниите во регионот активно ги користат.

    „Најголемата можност за регионот не е во развојот на најнапредните технологии, туку во нивното брзо и ефикасно усвојување. Преку примената на постојните решенија за вештачка интелигенција, компаниите можат да ја зголемат продуктивноста и конкурентноста и полесно да одговорат на недостигот од работна сила“, посочи Митреска.

    Таа зборуваше на панел за влијанието на вештачката интелигенција и технолошките иновации врз продуктивноста, во рамките на Конференцијата за европска економска интеграција во Виена. Конференцијата ја организираат централните банки на Австрија и Полска.

    Митреска ги издвои индустријата, логистиката и финансискиот сектор како области во кои новите технологии имаат значителен потенцијал. Нивната примена, сепак, ја забавуваат пониското ниво на дигитализација, недостигот од квалификуван кадар и ограничените вложувања во истражување и развој. Според податоците што ги презентираше, расходите за истражување и развој во земјите од Западен Балкан изнесуваат само 22 отсто од просекот на ЕУ.

    На пазарот на трудот, според Митреска, засега нема позначајни докази дека примената на вештачката интелигенција предизвикува масовно губење работни места во регионот. Податоците на Светската банка покажуваат дека околу еден од пет работници во Централна, Источна и Југоисточна Европа е на работно место изложено на генеративна вештачка интелигенција. Кај високообразованите работници тој удел е 34 отсто, а кај оние со пониско образование изнесува 7 отсто. Во излагањето беше посочено и дека околу 30 отсто од работниците веќе користат алатки за вештачка интелигенција, најчесто неформално.

    За примената на овие алатки да донесе повисока продуктивност и побрзо економско приближување кон ЕУ, Митреска како приоритети ги посочи поддршката за малите и средните претпријатија, континуираното унапредување на дигиталните вештини на работниците и инвестициите во инфраструктурата.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично