Инвестициските сметки на американскиот претседател Доналд Трамп забележале најмалку 103 купувања и продажби на акции на Nvidia, во вкупна пријавена вредност меѓу 27 и 97,5 милиони долари, од неговото враќање во Белата куќа во јануари 2025 година до август 2026 година. Ова го покажува истражувањето на CNBC засновано врз официјалните финансиски пријави. Нова анализа на The Washington Post, објавена на 24 ноември, идентификува 44 трансакции само во првите девет месеци од 2026 година. Податоците привлекуваат внимание поради личната интервенција на Трамп за враќањето на Џенсен Хуанг на чело на Nvidia, по која акциите на производителот на чипови поскапеа за повеќе од 31 процент. Белата куќа тврди дека претседателот не одлучува за поединечните трансакции во своето портфолио.
Според истражувањето на CNBC од 16 ноември, Nvidia на крајот на 2025 година била меѓу трите најголеми поединечни акционерски позиции во инвестициското портфолио на Трамп. Вредноста на уделот тогаш се движела меѓу 12,5 и 58 милиони долари, наспроти пријавените 615.000 до 1,3 милиони долари на крајот од 2024 година. Бројот од најмалку 103 трансакции се однесува на периодот од јануари 2025 до август 2026, а износот од 27 до 97,5 милиони долари е збирна вредност на купувањата и продажбите, а не остварена заработка.
The Washington Post идентификувал 29 купувања со вкупна пријавена вредност меѓу 5,7 и 16,9 милиони долари и 15 продажби во вредност меѓу четири и 12 милиони долари. Според неговата пресметка, кон крајот на септември портфолиото на Трамп содржело акции на Nvidia чија вредност можела да се движи меѓу шест и 71 милион долари. Проценките се во широки интервали затоа што американските јавни финансиски пријави не ја наведуваат точната вредност на секоја трансакција, ниту го откриваат целосниот број акции што останале во портфолиото.
АКЦИИ СЕ КУПУВАЛЕ ПРЕД ПРОМЕНАТА НА ИЗВОЗНИТЕ ПРАВИЛА
Една од трансакциите што предизвикале интерес во американскиот Конгрес е купувањето акции на Nvidia на 6 јануари 2026 година, во вредност меѓу 500.001 и еден милион долари. Според CBS News, една седмица подоцна администрацијата на Трамп ги олеснила американските ограничувања за извоз на одредени напредни чипови во Кина. Оваа временска поврзаност била предмет на прашања на сослушување во Сенатот.
На 3 јуни сенаторката Елизабет Ворен го прашала американскиот министер за финансии Скот Бесент дали ваквите трансакции претставуваат конфликт на интереси и дали Комисијата за хартии од вредност (SEC) треба да ги испита. Според соопштението од нејзиниот кабинет, Ворен побарала построги правила за тргување со акции од страна на јавните функционери. Бесент одговорил дека Трамп не управува лично со поединечните трансакции, туку тоа го прави надворешен финансиски менаџер.
CNBC документира и други временски совпаѓања меѓу трансакциите со Nvidia и одлуките на американската администрација. На 29 јануари 2025 година, два дена пред првата средба на Трамп со Хуанг во Белата куќа, инвестициските менаџери на претседателот купиле акции во вредност меѓу еден и пет милиони долари.
Во август 2025 година Трамп потврдил договор според кој Nvidia требало да ѝ отстапува на американската влада 15 проценти од приходите од одредени продажби на чипови во Кина. Една седмица по објавувањето на договорот, според анализата на CNBC, неговите сметки купиле акции на Nvidia во вредност меѓу пет и 25 милиони долари, заедно со други големи инвестиции во технолошки компании.
Овие податоци ги утврдуваат датумите и пријавените износи на трансакциите, но не докажуваат дека инвестициите биле направени врз основа на доверливи информации или по налог на претседателот.
ПРОДАЖБА НА АКЦИИ ПО РАЗУЗНАВАЧКИ БРИФИНГ
CNBC издвојува и продажба на акции на Nvidia на 18 мај 2026 година во вредност меѓу 500.001 и еден милион долари. Трансакцијата била извршена пет дена по датумот на кој, според известување на The New York Times, државниот секретар Марко Рубио го информирал Трамп за разузнавачките сомневања поврзани со личниот однос на Џенсен Хуанг со жена за која американските служби испитувале можни врски со кинеското разузнавање.
Трамп подоцна негирал дека добил таков брифинг. На прашање за информациите што наводно му ги доставил Рубио, претседателот изјавил дека не бил запознаен со тоа и дека не знае дали жената била поврзана со кинеското разузнавање.
CNBC наведува дека во деновите непосредно пред и по продажбата од 18 мај инвестициските сметки на Трамп забележале и други, помали купувања на акции на Nvidia. Медиумот нагласува дека финансиските пријави не содржат докази дека претседателот ги наредил трансакциите или дека неговите инвестициски советници располагале со доверливи разузнавачки информации.
ПРОДОЛЖУВА КУПУВАЊЕТО НА АКЦИИ НА НВИДИА
Според Reuters, во август 2026 година инвестициските сметки на Трамп купиле акции на Nvidia во вредност до 1,6 милиони долари и продале акции во вредност до еден милион долари.
Во официјалните финансиски пријави доставени до американската Канцеларија за владина етика (OGE) се наведени и конкретни трансакции. На 17 август е пријавено купување акции во вредност меѓу 500.001 и еден милион долари, а на 26 август дополнително купување меѓу 15.001 и 50.000 долари.
Во септември пријавите покажуваат повеќе купувања и една продажба. На 2 септември се забележани купувања во вредносните категории од 100.001 до 250.000 долари и од 50.001 до 100.000 долари. На 9 и 10 септември следеле помали купувања, а на 24 септември е пријавена продажба во вредност од 1.001 до 15.000 долари.
Reuters на 19 ноември извести дека според септемвриските финансиски пријави, во сметките на претседателот биле забележани купувања на Nvidia во вредност до 265.000 долари и продажба до 15.000 долари. Новинарската агенција нагласува дека точните износи не можат да се утврдат од јавните обрасци, бидејќи трансакциите се прикажуваат во вредносни категории.
БЕЛАТА КУЌА: ТРАМП НЕ УПРАВУВА СО ТРАНСАКЦИИТЕ
На 23 ноември Nvidia официјално го врати Џенсен Хуанг на функцијата главен извршен директор, 11 дена по неговата оставка. Американскиот претседател претходно јавно се залагаше за негово повторно назначување, а по одлуката потврди дека разговарал со членовите на Управниот одбор.
Акциите на Nvidia истиот ден пораснаа за приближно 31,5 проценти. Според The Guardian, ваквото поскапување можело да ја зголеми вредноста на уделот на Трамп за износ до околу 15 милиони долари, доколку во тој момент располагал со бројот акции што се претпоставува врз основа на претходните финансиски пријави.
Но, тој износ не претставува потврдена реализирана заработка. Нема јавно објавена целосна евиденција за купувањата и продажбите во октомври и ноември, поради што не е познат точниот број акции што Трамп ги поседувал на 23 ноември, ниту дали потоа продал дел од нив.
Белата куќа ги отфрла тврдењата дека претседателот лично одлучува кои акции ќе се купуваат и продаваат.
Портпаролот Дејвис Ингл во изјави за Reuters и ABC News навел дека акционерското и обврзничкото портфолио на Трамп го управуваат независни финансиски институции. Според објаснувањето, средствата се распределени на дискрециони сметки што користат компјутерски инвестициски модели за следење познати берзански индекси, меѓу кои и Schwab 1000.
Белата куќа тврди дека ниту Трамп ниту членовите на неговото семејство можат да ги насочуваат одлуките за купување и продажба на поединечни хартии од вредност.
Во својата анализа, The Washington Post наведува дека Nvidia има голема тежина во индексите што ги следат овие инвестициски модели и дека поради тоа нејзините акции би можеле да заземаат значителен дел од портфолиото, без претседателот лично да наложи таква инвестиција.
Покрај прашањата за сопственоста на акциите, дел од американските законодавци бараат дополнителни информации за одлуките на администрацијата поврзани со извозот на напредни процесори во Кина.
На 11 ноември демократските сенатори Елизабет Ворен и Крис Кунс побарале од Белата куќа, Министерството за трговија и Стејт департментот да ги зачуваат сите документи и комуникации поврзани со извозните дозволи на Nvidia, контактите со раководството на компанијата и информациите за можни прекршувања на извозните ограничувања.
Сенаторите побарале и документација за комуникациите меѓу високи претставници на администрацијата и менаџментот на Nvidia. Барањето е дел од конгресниот надзор над политиката за извоз на напредна ВИ-технологија и прашањата поврзани со националната безбедност.
Според последните јавно достапни податоци, независната истрага на Nvidia за околностите поврзани со Хуанг продолжува. Истовремено, финансиските извештаи на Трамп достапни до 25 ноември ги опфаќаат трансакциите заклучно со септември 2026 година и не овозможуваат да се утврди точната вредност на неговото портфолио во моментот на враќањето на Хуанг.
Аналитика








