Просечната нето-плата исплатена во април достигна 48.779 денари и веќе се приближува до прагот од 50.000 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика, тоа претставува годишен раст од 7,3 насто, односно вработените во просек примиле околу 3.300 денари повеќе отколку во истиот месец лани.
Најголем раст на платите е регистриран во финансиски дејности и дејности на осигурување, каде што просечната заработка е зголемена за дури 27 насто споредено со април минатата година. Веднаш зад нив со плус 9,4 насто се комуналните дејности – снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад, санација на околината, како и трговија на големо и на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 9,2 насто.

Иако номиналната плата пораснала за 7,3 насто, реалниот раст, кој ја зема предвид инфлацијата, изнесува 1,6 насто на годишно ниво. Тоа значи дека дел од зголемувањето е „изедено“ од цените кои се во континуирана фаза на раст.
Во споредба со март годинава, просечната нето-плата е повисока за 0,7 насто, додека во однос на просекот за целата 2025 година растот достигнува 7,9 проценти.
Најголемото месечно зголемување е забележано во секторот финансиски дејности и осигурување – за 20,1 насто. Во трговијата растот е 2,1 насто, а кај административните и помошните услужни дејности 2 насто.
Аналитика








