ПОВЕЌЕ

    Мајкрософт го отстрани глобалниот дефект – што ги урна „Аутлук“, „Тимс“ и „Копилот“?

    Време зa читање: 2 минути

    По повеќе од 24 часа нарушено работење, Мајкрософт ги обнови услугите на „Аутлук“, „Тимс“, „Копилот“ и другите апликации од пакетот Microsoft 365, со што заврши еден од најголемите глобални прекини на неговите дигитални услуги. Проблемот, кој започна во четвртокот (12 ноември), предизвика сериозни нарушувања во електронската комуникација и работењето на компании, државни институции и други организации ширум светот.

    Според официјалните информации, причина за прекинот бил технички проблем поврзан со претходна надградба на мрежниот капацитет, кој се појавил по понова промена во мрежата.

    Од Мајкрософт нагласија дека инцидентот не е поврзан со кибернапад, злонамерна активност или со употреба на вештачка интелигенција.

    Прекинот најсилно ги погоди услугите поврзани со Exchange Online, поради што корисниците имаа тешкотии со пристапот до електронската пошта преку „Аутлук“, испраќањето и примањето пораки, календарите и закажувањето состаноци. Нарушувања имаше и кај одредени функционалности на „Тимс“, „Копилот“, „Шерпоинт“ и други услуги на Microsoft 365.

    Според Ројтерс, за време на прекинот глобално биле регистрирани над 7,4 милиони пријави за проблеми, а нарушувања имало во финансискиот сектор, здравството, воздушниот сообраќај и државната администрација.

    Сепак, не беа целосно недостапни сите функционалности. Според известувањата на компанијата, основните можности за размена на пораки и одржување онлајн состаноци преку „Тимс“ во голема мера продолжиле да функционираат.

    Обновувањето на услугите се одвиваше постепено, со враќање на погодените сервери во работа, пренасочување на интернет-сообраќајот и дополнителни проверки на стабилноста.

    Посебен проблем претставуваа заостанатите електронски пораки. За да се намали ризикот од нивно губење, Мајкрософт привремено го продолжи рокот за обработка и доставување на пораките на 48 часа, додека системите ги обработуваа натрупаните испраќања.

    Во официјалното соопштение компанијата им се извини на корисниците и деловните партнери, признавајќи дека обновувањето траело подолго поради потребата од постепено и контролирано враќање на услугите.

    Инцидентот во системот за следење на Microsoft 365 е означен како решен. Компанијата најави дека по завршувањето на анализата ќе објави детален извештај за причините и мерките за спречување слични прекини во иднина.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично