Пензискиот систем не може сам да ги исплаќа пензиите, државата мора да покрива повеќе од една третина од буџетот на ПИОМ, а детектирани се и милионски долгови, доцнења во плаќањата, неевидентиран имот и слабости во јавните набавки. Ова е сликата што ја покажува најновата ревизија на работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурувањеза 2024 година.
Особено загрижува фактот што до крајот на февруари годинава ПИОМ должел 136,4 милиони евра за здравствено осигурување на пензионерите, додека кон приватните пензиски фондови останале нераспределени придонеси во вредност од 42,2 милиони евра.
Поради утврдените состојби, Државниот завод за ревизија дал неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законите.
„Со извршената ревизија за 2024 година изразено е неповолно мислење за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики“, наведуваат ревизорите.
Иако наплатата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување лани пораснала за 14 насто и достигнала 71,4 милијарди денари, тоа не било доволно за покривање на расходите за пензии, кои изнесувале над 90,2 милијарди денари.
„Оствареното зголемување на приходите во 2024 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии кои исто така секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат 90.277.241 илјади денари“, посочено е во извештајот.
Поради тоа, државата повторно морала да интервенира со значителни буџетски трансфери. Во 2024 година тие учествувале со 36,71 отсто во вкупните приходи на Фондот, што е зголемување за 4,14 насто во споредба со претходната година.
Ревизијата покажува и влошување на односот меѓу вработените и пензионерите.
На крајот од 2024 година биле евидентирани 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери. Тоа значи дека на еден пензионер доаѓаат само 1,63 осигуреници, додека една година претходно соодносот бил 1 спрема 1,70.
Ревизорите утврдиле сериозни проблеми и со префрлањето на придонесите кон вториот пензиски столб. Иако ПИОМ навремено ги изготвува пресметките и ги доставува до надлежното министерство, средствата не биле префрлани навреме.
„Во 2024 година доцнењето изнесува во просек околу два месеца. Заклучно со 27.02.2026 година, утврден е долг од 2.592.918 илјади денари по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва“, констатирале ревизорите.
Уште поголем е долгот кон Фондот за здравствено осигурување. Според ревизорскиот извештај, ПИОМ не ги уплаќал навремено придонесите за здравствено осигурување на пензионерите, иако тоа е негова законска обврска.
„Во 2024 и 2025 година исплатите се вршени со задоцнување од неколку месеци, при што до 28.02.2026 година придонесите се исплатуваат со доцнење од осум месеци. Вкупната неисплатена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува 8.415.865 илјади денари односно 136.400.000 евра.
Оваа состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено уплатени придонеси, што негативно влијае и врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување“, нотирано е во ревизорскиот извештај.
Ревизијата открила и бројни административни и сметководствени слабости. Меѓу позначајните забелешки се: неевидентиран движен и недвижен имот добиен преку стечајни постапки; нецелосен попис на земјиштето и отсуство на целосна сметководствена евиденција; попис на дел од побарувањата без утврден правен основ и без проверка на застареност; недостиг од целосни податоци за средствата што се префрлаат од Буџетот по основ на акцизи; слабости при издавање деловен простор под закуп; парични средства што остануваат неискористени на сметката за уплата и распределба на придонеси на крајот на годината; слабости во јавните набавки; неправилности поврзани со доделувањето и користењето на становите во домовите за пензионери.
Дополнително, ревизорите предупредуваат дека Фондот подолго време се соочува со недостиг на стручен кадар, особено во подрачните единици, ИТ-секторот и внатрешната ревизија.
Поради сите утврдени негативности и слабости, Државниот завод за ревизија издал повеќе препораки за надминување на состојбите, по кои надлежните институции имаат обврска да постапат.
Аналитика








