Иново статус АД Скопје ќе добие нов сопственик. Акциите на друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови ќе ги купи Иван Ивановски, кој доби согласност од Комисијата за хартии од вредност за стекнување квалификувано мнозинство. Притоа, има рок од три месеци во кој треба да уплати 160 илјади евра за целиот пакет од 297.654 обични акции.
„Комисијата за хартии од вредност донесе Решение со кое на физичкото лице Иван Ивановски од Кочани му се дава согласност да стекне квалификувано учество во Друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови Иново статус АД Скопје. Имено, Иван Ивановски ќе стекне 297.654 обични акции со право на глас…, односно 100 % од акциите… со вкупна вредност од 160.000 евра. Трансакцијата за стекнување на акциите треба да се изврши во рок од 90 календарски дена од денот на добивање на согласноста од Комисијата за стекнување квалификуванo учество“, пишува во известувањето објавено на веб-страницата на КХВ.
Иново статус во Македонија опстојува од 2007 година, а мнозински сопственик со квалификувано учество е бугарскиот ЕЈ СИ ЕМ Консулт ДОО Софија.
Одборот на директори на Друштвото го сочинуваат: главната извршна директорка Миа Стефановска Зографска и извршниот директор Благоја Митров, како и неизвршните членови од Бугарија – Ивелина Иванова во својство на претседател, Олга Јорданова и Јордан Цанов.
Ивановски, пак, деловната јавност го препознава по едукативниот сајт што е франшиза на светски познатиот Masterclass, преку кој ги споделува знаењата за иновативноста, претприемништвото и пред сѐ за берзанските инвестирања и за криптовалутите. Овој софтверски инженер пошироката јавност го знае како Иван од SUPPORT KOCANI, иницијативата за поддршка на сите засегнати од пожарот во дискотеката „Пулс“.
Аналитика








