Актуелно

ИКТ компаниите прават голем напредок со приклучување кон професионалните пензиски шеми

Датум на објава: 16.10.2019

Моќта и ефектите од работата на ИКТ компаниите со текот на времето сé повеќе расте и се зголемува. Како што се применува дигитализацијата во македонските компании, така се зголемува и потребата од ИКТ компании, а тоа го покажува и бројноста на истите.

За растот на овој сектор зборуваат и бројките – од 1.700 компании со ИКТ примарна дејност во 2017 година, веќе во следната 2018 бројот на ИКТ компании регистрирани во државата се зголемил на 2.308. Истите лани вработиле 13.514 лица, а целиот сектор остварил приходи од 779,437,621 eвра.

Но, исто така, ИКТ компаниите според структурата и начинот на оперативност, повторно се предводник во појава што е препорачана за сите компании, а ефектот е предност и за компанијата и за вработените. ИКТ секторот може да направи голем исчекор напред во зацврстување на својата позиција на пазарот со приклучување кон професионалната доброволна пензиска шема.

„Како сектор нашата моќ во креирањето на економската слика на земјата станува се позначајна од аспект што со профилот кој го претставуваме и технолошкиот напредок што го носиме, односно дигитализацијата, стануваме неопходни за сите компании. ИКТ сектор располага со динамична работна сила и тука пазарот на трудот работи онака како што треба, но сепак проблем за оваа индустрија е честиот одлив на квалитетниот кадар. Затоа, менаџерите почнаа да применуваат дополнителни алатки за стимулирање на вработените и нивно задржување на подолг рок. Со плаќање во доброволниот трет пензиски столб за своите вработени, тие ги наградуваат своите вработени, но исто така, што е многу поценето од вработените – ги уверуваат за иднината и за заедничкиот развој и напредок“, вели Анита Никова, извршен директор на  МАСИТ, за влегувањето на компаниите од овој сектор во третиот доброволен пензиски столб.

Професионалната доброволна пензиска шема, според познавачите, нуди предности и за компаниите и за вработените. Тоа е патот до посреќни и позадоволни вработени, на начин што тие се наградени преку уплата во доброволниот – третиот пензиски фонд, што носи поволности и за компаниите. А сите поволности од уплати во третиот пензиски фонд, како и бенефициите и за вработените и за компаниите, произлегуваат од законската регулатива. 

 „Кога фирмата вложува и се залага за вработените на подолг рок, дека се грижи на нивната иднина откако веќе нема да бидат продуктивни и конкурентни на пазарот на трудот, тогаш ќе ги добие најсреќните и најлојални вработени, а притоа, компанијата не е никако условена или оданочена. Врз основа на сето ова, доброволниот, третиот пензиски столб станува се поатрактивен токму за компаниите од ИКТ индустријата“, дополнува Никова.

Третиот пензиски столб покрај професионалната пензиска шема, каде компанијата уплаќа за вработените, нуди можност и за индивидуална уплата, односно индивидуална сметка каде граѓанинот уплаќа за самиот себе и тоа кога сака и колку сака.

Средствата од доброволниот, третиот пензиски фонд се вложуваат во обврзници, депозити, акции во странство или ЕТФ фондови кои во својата структура имаат акции, обврзници или други финансиски инструменти и се тргуваат на берза, во парични средства и во акции во компании од домашната берза.


Тагови: Анита Никова, ИКТ компании, МАСИТ, трет пензиски столб,

Facebook профил: pari.com.mk

Инстаграм профил: pari.com.mk

@pari.com.mk

© Преземањето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот pari.com.mk е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со pari.com.mk, е строго забрането.


Сподели: