Стигнаа резултатите за 2025 година. Порталот „Пари“ во соработка со Бизнис мрежа повторно ви нуди ексклузива – први да ѕирнете во остварувањата на 100-те најголеми компании по приход, добивка и број на вработени.
Серијалот ќе изобилува со табели, поенти и ќе понуди приказ за срцето на македонската економија. Во анализите не се земени предвид претпријатијата со доминантна државна сопственост, банките и финансиските институции.
Првиот поглед на податоците открива добра вест: компаниите што се рангирани како 100 најголеми по приход во 2025 година оствариле поголем приход отколку во 2024 година – растот е 5,55 насто.
Најпрофитабилните 100 компании во 2025 година во споредба со 2024 година покажуваат раст од 15,69 насто.
Најголемите 100 работодавачи, пак, во 2025 година имале 84.753 работници. И тука има раст. Бројот на вработени се зголемил за 1.032 работници.
Но, ова го покажуваат податоците за 100-те најголеми фирми во 2025 година, споредувајќи со постигнувањата на истите фирми од 2024 година. Што ако се споредат листите на најголемите работодавачи од 2025 година со листите на најголемите од 2024 година? Иако најголем број од фирмите се веќе етаблирани и постојано се високорангирани, сепак има промена во имињата на фирмите што влегуваат во 100 најголеми во 2025 и 100 најголеми во 2024 година. Анализата покажува дека и при ваква споредба има раст на приходите, раст на добивката, но пад на бројот на вработени!
ЗАЕДНИЧКИ ПРИХОД ОД 13,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА
Вкупниот приход на 100-те најголеми компании во 2025 година е 13,3 милијарди евра, а во 2024 година нивниот заеднички приход бил 12,6 милијарди евра. Прометот на овие фирми се зголемил за околу 700 милиони евра, а тоа направило некои фирми што во 2024 година не биле во првата 100-ка сега да влезат.
Приходите на 100-те најголеми компании се движат од 47,7 милиони евра, што ги остварило Друштвото за трговија на мало и услуги ЛПП МАЦЕДОНИА увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, до 1,8 милијарди евра на веќе етаблираниот рекордер по приходи Џонсон мети.

Извор: Бизнис Мрежа
Но, ако се анализира колкав е вкупниот приход на 100-те најголеми компании во 2025 година во однос на вкупниот приход на 100-те најголеми компании во 2024 година, растот на приходот е само околу 100 милиони евра. Имено, додека ланскиот список на 100 најголеми компании по приход тежи 13,3 милијарди евра, прекланскиот е 13,2 милијарди евра.
ЗАЕДНИЧКА ДОБИВКА ОД 881,1 МИЛИОН ЕВРА
Вкупната добивка на 100-те најпрофитабилни компании во 2025 година изнесувала 881,1 милион евра, а во 2024 година истите тие фирми имале заедничка добивка од 761,6 милиони евра. Профитот се зголемил за околу 119,5 милиони евра.
Добивките на 100-те најпрофитабилни компании се движат од 3 милиони евра, што ги остварило Друштвото за коцкање и обложување МА ГАМИНГ ДООЕЛ Скопје, до 73,15 милиони евра на Џонсон мети.
Извор: Бизнис Мрежа
Ако, пак, се споредат различните листи – листата на 100 најпрофитабилни компании во 2025 година со листата на 100 најпрофитабилни компании во 2024 година, минатата година износот е повисок за 14 милиони евра. Имено, во 2024 година 100-те најголеми компании по профит направиле заедничка добивка од 867,1 милион евра.
ВО 100 ФИРМИ ВРАБОТЕНИ СЕ 84.753 РАБОТНИЦИ
Најголемите 100 работодавачи во 2025 година имаат повеќе вработени отколку што имале во 2024 година. Лани тие имале вкупно 84.753 работници, додека во 2024 година имале 83.721 вработен.
Најголем работодавач лани, како и претходните години, било Друштвото за производство на електрична и електронска опрема за моторни возила ДММ ДРЕКСЛМАЈЕР МАНУФАКТУРИНГ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ увоз-извоз од Кавадарци, со 5.277 работници. На дното од првата стотка се наоѓа Акционерското друштво за производство, откуп, ферментација и промет на тутун АЛАЈАНС УАН МАКЕДОНИЈА Кавадарци, со 328 вработени.

Извор: Бизнис Мрежа
Но, кај бројот на вработени, лошата вест е што ако се спореди колку вработени имале 100-те најголеми работодавачи за 2024 година со бројот на работници кај 100-те најголеми работодавачи во 2025 година, забележуваме намалување на бројот. Така, 100-те најголеми работодавачи во 2024 година вработиле вкупно 88.281 работник, или 3.528 работници повеќе.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Следно од серијалот: 100 најголеми компании по приход
Аналитика








