Албанија почна да го применува новиот закон за казнување на учесници на протестите, кој владата на премиерот Еди Рама го најави пред две недели. Албанската полиција соопшти дека изрекла 31 парична казна по протестот што се одржа во средата навечер. Со ова, вкупниот број на казни изречени во изминатите неколку дена, врз основа на новата законска регулатива, достигна 83. Овие мерки имаат за цел да ги зауздаат немирите што го зафатија главниот град Тирана.
Од полицијата наведоа дека се казнети „граѓани кои го блокирале патот и го попречиле движењето на возилата, и покрај постојаните предупредувања од полициските службеници преку мегафон“.
На секој од нив му е изречена административна казна во висина од 5.000 албански леки (55 евра), додадоа од полицијата.
Новата законска регулатива беше воведена од социјалистичкиот премиер Еди Рама – кој се соочува со сериозни притисоци – откако повеќемесечните секојдневни, мирни антивладини протести минатиот месец прераснаа во насилство. Законот стапи на сила на 28 октомври. Рама го опиша ова како „законски пакет против насилството и урбаната анархија“. Меѓу мерките се вклучени и парични казни што можат да се изречат доколку демонстрантите не постапат според наредбите на полицијата.
Рама, исто така, изјави дека ќе се изрекуваат казни за „учество во неодобрен собир и непочитување на наредбата за разотидување“, како и за лица кои го кријат својот идентитет со носење маски. „Непочитувањето на наредбата за разотидување и криењето на идентитетот ќе се казнуваат со парична казна во висина до 5.000 евра за секој учесник“, најави тој. За попречување на сообраќајот е предвидена казна од 55 евра.
Амбасадорката на Европската Унија во Албанија, Софија Мореира де Соуса, изјави дека она што започна како мирни протести прерасна во пошироко движење кое бара транспарентност, отчетност и борба против корупцијата.
„Еколошките прашања беа причината за мирните протести во мај, кои подоцна прераснаа во пошироко движење што бара транспарентност и отчетност, борба против корупцијата и добро владеење. Мирните протести се дел од демократскиот живот, но во тој демократски живот нема место за насилство, а секоја реакција на насилните дејствија мора да биде пропорционална и во согласност со законот. Насилството нема место во демократскиот живот. Незадоволствата мора да се решаваат преку вистински дијалог, а должност на демократските институции е да го создадат потребниот простор за таков дијалог“, се вели во изјавата на претставничката на Европската Унија.
Меи Сева, фотографка и активистка, изјави за BIRN дека била казнета во средата, откако „го остварувала своето демократско право на протест и пристигнала на мирен собир пред кабинетот на премиерот, како што тоа го правиме веќе повеќе од 150 дена“. Сева раскажа дека, додека одела да купи нешто за јадење во близина, еден полицаец со маска на лицето и без видлив службен број, побарал од неа да му ја покаже личната карта. „Откако ја фотографираа мојата лична карта, тие пребаруваа низ фотографиите во својот телефон сè додека не го најдоа она што го бараа, по што ми изрекоа казна од 5.000 леки [55 евра]. Кога прашав која е причината, ми рекоа дека тоа е затоа што сум го блокирала патот“, објасни таа.
„Оваа тактика на заплашување е очајнички обид на владата да се задржи на власт, и покрај речиси петмесечните протести на кои се бара нејзина оставка“, додаде таа.
Во вторникот, 15 организации на граѓанското општество побараа од парламентот да ја спречи примената на законските прописи што се однесуваат на јавните собири, оценувајќи ги како неоправдани и како кршење на уставните права и слободи.
„Насилните постапки на поединци не смеат да се користат за општо ограничување на правото на граѓаните на мирно собирање, ниту пак за наметнување колективна одговорност врз учесниците или организаторите на протестите“, се наведува во соопштението на 15-те невладини организации.
Демонстрациите во Албанија започнаа на 31 мај како реакција на предлогот за изградба на луксузно туристичко одморалиште во заштитена еколошка зона во Звернец – проект поврзан со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Подоцна, протестите се проширија и прераснаа во барање за оставка на владата на Рама, која демонстрантите ја обвинуваат за коруптивно владеење и лошо економско управување.
Во октомври, протестите добија насилен карактер, при што доаѓаше до секојдневни судири меѓу полицијата и младите демонстранти. Рама одбива да се повлече од функцијата.
Аналитика








