За поголем интерес за хартиите од вредност и тие да можат во секое време да ги материјализираат на секундарниот пазар и на тој начин да обезбедат ликвидни парични средства, Македонска берза во соработка со Министерството за финансии поактивно ќе дејствува во развој на секундарното тргувње на хартиите од вредност кое има повеќекратни придобивки. За примарниот издавач ќе има придобивка бидејќи ќе се зголеми интересот за инструментите коишто се ликвидни. За Македонската берза ќе има придобивка со тоа што ќе се зголеми обемот на тргување, додека за имателот на хартиите од вредност предноста е во тоа што ќе поседува ликвиден инструмент којшто во секое време може да го продаде, односно материјализира. Сето ова го истакна на конференцијата на Македонска берза, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која што ја имаше честа да ја отвори оваа конференција со долгогодишна традиција.
-Соработката со Македонската берза во овој сегмент е од исклучителна важност и тука би сакала да споделам со јавноста дека се подготвува за донесување Одлука за 23-тата емисија на обврзници за денационализација којашто ќе биде во вредност од 1,5 милиони евра и којашто ќе ја зголеми понудата на хартии од вредност со коишто ќе се тргува на секундарниот пазар на Македонската Берза. Досега се изадени 22 емисии на обврзници за денационализација во вкупен износ од 397 милиони евра – објаснува Димитриеска Кочоска.
Пазарот на капитал постепено се развива, инвестициските производи стануваат многу посложени, а услугите се разновидни. Во вакви услови, министерката вели дека се повеќе значајна станува и финансиската едукација затоа што е важно малите инвеститори да ги разберат и оценат изборите за инвестирање коишто им се нудат и да научат како да избегнат лоши инвестирања.
-Во таа насока Министерството за финансии поединечно, но и како дел од Координациското тело на регулаторни институции во Македонија, презема активности за финансиска едукација и на наслението и на компаниите. Целта ни е да го подигнеме нивото на финансиска едуцираност на сите граѓани затоа што само финансиски едуциран потрошувач добро управува со домашниот буџет, добро едуциран бизнисмен донесува правилна финансиска одлука, а сето тоа носи бенефит за целокупната економија – укажува Димитриеска Кочоска.
Таа на конференцијата додадек дека во насока на модернизирање на домашниот пазар на капитал и примена на европските стандарди на тргување со хартиите од вредност се донесени Законот за финансиски инструменти и Законот за проспект и обврски за транспареност на издавачите на хартии од вредност, со кои меѓу другото се зголемува транспаренстноста на издавачите на хартии од вредност и заштитата на инвеститорите преку зголемена контрола на злоупотребата при тргувањето на пазарот на капитал.
Од министерството очекуваат во наредниот период да биде финализиран и Законот за алтернативни инвестициски фондови, кој ќе овозможи воведување нови видови фондови, покрај отворени и затворените инвестициски фондови.
-Класичното тргување со акции во првата половина од 2024 во однос на тој период од 2023 година бележи зголемување од 94%, исто така и тргувањето со државни хартии од вредност има зголемување од 91%, додека пак Македонскиот берзански инекс МБИ-10 е повисок за 34,85%. Сите овие показатели покажуваат дека тргувањето на Македонската берза во првата половина од 2024 година бележи значителен тренд на пораст во однос на првата половина од 2023 година – истакнува министерката.
Од министерството велат дека ќе продолжат со унапредување на регулативата со цел тој тренд да продолжи и понатаму и да се обезбеди дополнителен развој на пазарот на капитал.