ПОВЕЌЕ

    ДВОЈНИОТ ЗЕМЈОТРЕС ЈА ФРЛИ ВЕНЕЦУЕЛА НА КОЛЕНА: Десетици загинати, стотици повредени, цели населби во урнатини

    Време зa читање: 3 минути

    Венецуела се соочува со една од најтешките природни катастрофи во последните повеќе од сто години, откако два силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени ја погодија земјата во рок од само една минута. Уништени се десетици објекти, најмалку 32 лица загинаа, околу 700 се повредени, а властите предупредуваат дека бројот на жртвите најверојатно ќе расте.

    Најтешко погодени се градовите во близина на епицентарот, но сериозни оштетувања има и во главниот град Каракас, каде што исплашени жители масовно излегоа на улиците додека зградите се тресеа, а дел од нив се урнаа.

    Претседателката Делси Родригез прогласи вонредна состојба и ги повика сите лекари и медицински сестри веднаш да се вратат на своите работни места за да им помогнат на повредените. Таа посочи дека официјалниот биланс сè уште не го вклучува градот Ла Гваира, каде што се урнале десетици згради, што значи дека бројот на загинати и повредени може значително да се зголеми.

    Во Каракас веќе е потврдено дека најмалку три лица загинале по уривање на две згради.

    Американскиот сеизмолог Пол Ерл од Геолошкиот завод на САД ги оцени земјотресите како „разорни“, истакнувајќи дека станува збор за најсилниот потрес што ја погодил Венецуела од 1900 година.

    На социјалните мрежи се појавија драматични снимки од погодените подрачја. Видеа, потврдени и од „Њујорк тајмс“, прикажуваат хотел претворен во куп урнатини северно од Каракас, паника на меѓународниот аеродром „Симон Боливар“ и спасувачки екипи кои под рушевините трагаат по преживеани. Во еден момент спасувачите ги замолуваат сите присутни да молчат за да можат да ги слушнат повиците на евентуално затрупаните лица.

    Според американските агенции за мониторинг, првиот земјотрес се случил нешто по 18 часот по источно време со магнитуда од 7,2 степени, а само неколку десетици секунди подоцна следел уште посилен потрес од 7,5 степени.

    Епицентарот бил во близина на градот Сан Фелипе во државата Јаракуј, западно од Каракас. Сеизмолозите предупредуваат дека конечните проценки за магнитудата може дополнително да бидат ревидирани.

    Геолошкиот завод на САД предупреди дека последиците се особено тешки затоа што голем дел од населението живее во куќи изградени од неармирана тула и ќерпич, конструкции кои се исклучително ранливи при силни земјотреси.

    Во меѓувреме, Венецуела веќе почна да добива меѓународна помош. Според властите, спасувачки тимови од САД, Доминиканската Република, Ел Салвадор, Мексико и Катар ќе пристигнат уште во текот на денот, а поддршка понудија и Кина, Бразил и повеќе карипски држави.

    Катастрофата дополнително ја погодува земјата која веќе долго време се соочува со длабока политичка и економска криза. За многу Венецуелци, сцените од разрушените улици неизбежно потсетуваат на катастрофалниот земјотрес од 1967 година, кога во Каракас загинаа повеќе од 200 луѓе. Денешните потреси, според првичните проценки, се најсилните што ја погодиле земјата во повеќе од еден век.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично