ПОВЕЌЕ

    Спас во ПИОМ ќе бараат 80 % од осигурениците во вториот столб – ќе немаат ни минимална пензија предупредува Славески

    Време зa читање: 4 минути

    Пензионерите што во наредните години ќе почнат да се пензионираат преку вториот пензиски столб би можеле да се соочат со непријатно изненадување – нивните пензии да бидат толку ниски што ќе мора да се префрлаат во државниот пензиски фонд. На ова предупредува гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, повикувајќи се на анализи и актуарски проекции што ги изнел во интервју за емисијата „Трилинг“ во 2024 година, кое тој го сподели на својот Икс профил.

    Според Славески, проблемот не е нов и корените ги има уште во воведувањето на вториот пензиски столб на почетокот од овој век.

    „Во 2000 година, под притисок на Светската банка, воведовме втор пензиски столб и беше предвидено дека десет години ќе има транзициски дефицит. Но, тоа беше голема заблуда. Според некои истражувања, тој дефицит кај нас може да трае и половина век“, вели Славески.

    Тој објаснува дека со формирањето на приватните пензиски фондови, една третина од придонесите што претходно завршувале во ПИОМ биле пренасочени кон приватните друштва, што создало траен притисок врз државниот пензиски систем.

    „Главната причина е тоа што му се одземаа средства на државниот пензиски фонд. Вториот пензиски столб се формираше така што една третина од средствата што се уплаќаа во ПИОМ отидоа во приватните пензиски друштва“, посочува тој.

    Според проценките што ги наведува Славески, вистинските ефекти од реформата ќе почнат да се гледаат веќе од 2030 година за мажите и од 2032 година за жените, кога ќе започне пензионирањето на првата поголема генерација осигуреници кои се дел од вториот столб.

    „Мое очекување е дека кога во 2030, односно 2032 година, ќе почнат да се исплаќаат редовните пензии на осигурениците од вториот пензиски столб, ќе видиме дека можеби 70 до 80 проценти од лицата ќе се префрлаат во првиот пензиски столб затоа што нема да можат да стигнат ниту до минимална пензија. Така покажуваат актуарските податоци“, предупредува Славески.

    Тоа, според него, би значело нов бран пензионери кои повторно би се потпирале на ПИОМ за да обезбедат пристојна пензија.

    Славески потсетува дека вакво сценарио веќе се случило во пракса. Во 2019 година, околу 16.500 лица родени пред 1967 година, кои доброволно се приклучиле кон вториот столб, дошле до моментот на пензионирање. Тогаш се покажало дека нивните пензии би биле значително пониски од очекуваното.

    „Тогашната влада на СДСМ сите тие околу 16.500 лица ги префрли заедно со нивните средства во ПИОМ. Некаде околу 2,5 милијарди денари, односно околу 40 милиони евра, беа префрлени назад во државниот пензиски фонд“, вели Славески.

    Според неговата проценка, истиот процес може да се повтори и со идните генерации пензионери.

    Славески нагласува дека државниот пензиски систем има и социјална компонента која недостасува кај приватните фондови.

    „Пензијата во државниот фонд е и актуарска и социјална. Се води сметка за животниот стандард, за усогласувањата со инфлацијата и со растот на платите. Кај вториот столб тоа го нема“, смета тој.

    Дополнителен проблем, според него, се ниските приноси што ги остваруваат приватните пензиски фондови, како и високите провизии што ги наплатуваат.

    „Ако некој види колкаво е оплодувањето на средствата што им се задржуваат на осигурениците во вториот столб, ќе му се крене косата на главата. Во првите девет месеци од 2024 година беа платени 11 милиони евра провизии на трите пензиски друштва, од кои околу 5 милиони евра се чист профит“, вели Славески.

    Тој додава дека профитните маржи на овие друштва достигнуваат над 50 проценти и оценува дека тие остваруваат повисока профитабилност од некои од најголемите светски компании.

    Според Славески, дури и ако не се прават нови промени во системот, вториот столб ќе продолжи да создава финансиски притисок врз ПИОМ и врз државниот буџет.

    „Две третини од дефицитот што го имаме во пензискиот систем отпаѓа на потребата да се покриваат средствата што недостигаат поради вториот пензиски столб“, оценува тој.

    Пораката на Славески е дека без подлабоки реформи Македонија може да се соочи со парадоксална ситуација – приватните пензиски фондови да акумулираат средства и профити, а најголемиот дел од идните пензионери сепак да завршат назад во државниот пензиски систем за да добијат повисока пензија.

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично