Нерешени имотно-правни односи за десетици далекуводи и трафостаници, недоволно евидентиран имот, проекти што со години доцнат, милиони евра платени за неповлечени кредити, спорни вработувања и слабости во сајбер-безбедноста се дел од главните наоди во конечниот ревизорски извештај за работењето на АД МЕПСО во 2024 година.
Иако државниот оператор на електропреносниот систем бележи раст на приходите и подобрување на одредени оперативни показатели, Државниот завод за ревизија предупредува дека „слабостите во управувањето со имотот, инвестициите и јавните средства директно влијаат врз ефикасноста и развојот на електропреносниот систем“.
Еден од најголемите проблеми е нерегулираната сопственост врз дел од инфраструктурата. Од вкупно 112 далекуводи, за 53 е запишано правото на сопственост во Катастарот, додека за преостанатите 59 МЕПСО не располага со имотни листови.
„За овој имот отпочнати се постапки за утврдување на правниот статус, но тие се сложени и долготрајни поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи, а во одредени случаи не може да се утврди основата за стекнување на правото на сопственост“, наведуваат ревизорите.
Дополнително, остануваат нерешени имотно-правните прашања и за 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост на МЕПСО и ЕВН Македонија.
Ревизорите утврдиле и сериозни слабости во сметководствената евиденција на инфраструктурните објекти.
„Со расположливите податоци во воспоставената сметководствена евиденција на далекуводите и трафостаниците не е можно да се потврди нивниот број и вредност“, стои во извештајот.
Оваа состојба е особено значајна бидејќи врз основа на тие податоци Регулаторната комисија ја пресметува тарифата за пренос на електрична енергија.
Посебно загрижувачки се наодите поврзани со инвестициските проекти. Во изминатите 13 години МЕПСО реализирал значајни инвестиции во изградба и модернизација на преносната мрежа, но степенот на реализација на дел од нив се движи меѓу само 9 и 62 проценти.
Кај повеќе проекти е регистрирано зголемување на вредноста на договорите и пролонгирање на роковите.
Најголемото поскапување е кај проектот „Ревитализација на 110 kV далекувод ТС Скопје 4 – ТС Велес“, каде вредноста на договорот е зголемена за 51 насто или за 1,48 милиони евра, достигнувајќи вкупно 4,39 милиони евра.
Најдолго доцни проектот „Реконструкција на 110 kV далекувод ТС Битола 1 – ТС Прилеп“, каде што рокот е продолжен за дури пет години и осум месеци.
Истовремено, за проектот „Изградба на ДВ 110 kV ТС Валандово – ТС Милетково“, иако во 2024 година е одобрен заем од 26,4 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, изградбата сѐ уште не е започната. Поради тоа се платени 155.672 евра провизии за заемот и неповлечените средства.
Ревизијата покажува дека МЕПСО располага со одобрени кредитни линии во вредност од 102,4 милиони евра, но повеќе од половината средства не се искористени. Од вкупниот износ, дури 53,4 милиони евра или 52 проценти останале неповлечени. Само во 2024 година за таквите средства се платени 245.629 евра провизии, а од моментот на одобрување на заемите досега трошокот достигнал 2,63 милиони евра.
„Ненавременото користење на заемите го зголемува финансискиот товар и ја забавува реализацијата на стратешките проекти за електропреносниот систем“, предупредуваат ревизорите.
Заклучно со крајот на 2024 година, МЕПСО за камати, провизии за одобрување и за неповлечени средства има платено речиси 9 милиони евра, што претставува 8,8 проценти од вредноста на сите одобрени кредити.
Во извештајот се нотира и значителен раст на побарувањата по дадени заеми на други државни компании. Тие достигнале 9,6 милиони евра и се повеќе од десеткратно зголемени во споредба со 2020 година.
„Давањето заеми не е основна дејност на АД МЕПСО Скопје, поради што ваквата практика негативно влијае врз ликвидноста и финансиската состојба на друштвото“, се наведува во извештајот.
Ревизорите детектирале спорни вработувања кај две третини од новопримените. Кај 45 нововработени лица, односно кај 65 проценти од сите нови вработувања во 2024 година, биле утврдени неправилности во исполнувањето на условите од јавните огласи, систематизацијата и распределбата на работните места.
„Кај дел од нив кратко по вработувањето е извршено прераспределување или унапредување“, стои во извештајот.
Во текот на 2024 година МЕПСО бил мета и на сајбер напад кој предизвикал привремена недостапност на дел од ИТ системите и податоците. Иако преносот на електрична енергија не бил нарушен, ревизорите оценуваат дека настанот покажал потреба од дополнително зајакнување на сајбер-безбедноста.
Освен тоа, ДЗР повторно ја отвора темата за фасадата на управната зграда, за чија реконструкција и адаптација во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени 547 милиони денари, односно околу 8,9 милиони евра.
И покрај сите забелешки, ревизорите констатираат дека приходите од основната дејност – пренос на електрична енергија бележат раст, главно поради повисоките тарифи за пренос. Истовремено растат и приходите од прекуграничните преносни капацитети, а загубите во мрежата се намалуваат.
Сепак, конечната оценка е дека МЕПСО мора значително да го подобри управувањето со имотот, инвестициите, кредитите и човечките ресурси, бидејќи токму овие слабости претставуваат кочница за модернизацијата и сигурноста на македонскиот електропреносен систем.
Аналитика








