ПОВЕЌЕ

    Чисти влезови, чиста добивка: Со метла заработени 4,5 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Со засилената изградба на станови се отвора повеќе работа за компаниите што се занимаваат со управување и одржување на хигиената во зградите. Тој подем се рефлектира и врз финансиските резултати, кои секоја година се сѐ посолидни.

    Дејноста лани генерирала приход од речиси 47,3 милиони евра и добивка од 4,5 милиони евра. Тоа е остварување на 227 компании, чијшто вкупен приход во 2025 година е поголем за 14,26 насто, а добивката е повисока за 22,97 насто.

    Истовремено, според податоците на Бизнис Мрежа, користени во анализата на Пари, бројот на вработените е зголемен за 8,92 насто и достигнал 3.139 лица. Единствениот негативен показател ја следи просечната плата, која се намалила за 2,22 насто и изнесувала 22.716 денари.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ТРИТЕ НАЈГОЛЕМИ ФИРМИ ИМААТ 14 МИЛИОНИ ЕВРА ПРИХОД

    Речиси две третини или 61,97 насто од приходите во дејноста ги создаваат десетте најголеми компании. Минатогодишниот заеднички резултат е во износ од 29,3 милиони евра, а го следи позитивна годишна промена од 22,59 насто.

    Меѓу нив, кај трите најголеми се слеала речиси половина од приходите. Лидер е Ланд-сервис со 5,6 милиони евра, резултат што е за речиси 79,4 насто повисок од претходниот во 2024 година. На второто место е Серта со 5,1 милион евра (+ 12,79 %), а на третото место е Бигор клининг со 3,3 милиони евра и со раст од 57,10 насто.

    Сепак, обемот на работа најмногу се проширил кај Хаузмајстор фасилити, што се одразило со раст на приходот од 456 насто, од 582 илјади евра на 3,2 милиони евра.

    Од друга страна, две компании бележат значителен пад. Во Хауз мајстор плус приходот се намалил за 38,15 насто. Работите лошо се одвивале во рамките на Бапал Благој – од 3 милиони преклани, приходот лани паднал на 1,8 милиони евра (– 40,63 %), а во меѓувреме фирмата отишла во стечај.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ТОП 10-ТЕ КОМПАНИИ ГО ЗГОЛЕМИЛЕ ПРОФИТОТ ЗА 38,89 НАСТО

    Десетте најпрофитабилни компании заедно оствариле добивка од 2,5 милиони евра, што е за безмалку 38,9 насто повеќе од претходната година.

    На врвот е Бигор клининг со добивка од 521,6 илјади евра, пред Серта со 514,2 илјади евра и Ланд-сервис со 420,3 илјади евра.

    Особено се издвојува Серта со профитот зголемен за 331,72 насто. Но, апсолутен рекордер според процентуалниот раст е Инфинити клининг Гроуп. На фирмата добро ѝ тргнало, па лани добивката се зголемила за 728,74 насто – од 18 илјади евра на 149,3 илјади евра. Висок раст од речиси 223 насто е заведен и во билансот на Техно хигиена од Струмица.

    Во групата на најпрофитабилните има и неколку фирми чијашто заработка претрпела минимални негативни корекции: Глобе Виллиамс (– 3,99 %), Нова-Груп Дом (– 3,89 %), Хаузмајстор фасилити (– 2,98 %) и Патрол-ЛТД (– 0,18 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Генерално, движењата на приходите и уште поизразените трендови на раст кај добивката упатуваат на сè поголема побарувачка за организирано управување и одржување на хигиената во станбените и деловните објекти. Од традиционалната комунална услуга секторот се трансформира во профитабилна услужна индустрија.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично