Деветте најголеми и најуспешни веледрогерии во земјава лани оствариле вкупен приход од 301,8 милиони евра додека добивката изнесувала 5,9 милиони евра, покажува анализата на „Бизнис мрежа.“ Зегин, Македонијалек и Феникс фарма се трите најголеми веледрогерии врз основа на остварените приходи во текот на минатата година, и тие со години наназад го држат истиот примат. Но, по однос на остварената добивка, листата се менува, па така, најголемата добивка лани ја има Македонија лек, по што следуваат веледрогеријата Д-р Пановски и Еуролек.
Сепак, на пазарот со лекови дефинитивно најголема компанија е Алкалоид, која покрај продажбата на лековите што ги произведува има и веледрогерија која е една од деветте најголеми и најуспешни.
На пазарот со лекови, компанијата АЛКАЛОИД убедливо е водечка компанија гледано низ призмата на финансиските показатели. Лани оваа компанија што е во групата „големи“ прикажува приход во износ од 141,1 милиони евра. Алкалоид, освен што е етаблиран на домашниот пазар, веќе е проширен и со пласман, но и со производство на регионалните пазари па дури и во САД. Во оваа компанија лани работеле 1 588 луѓе а фирмата на Живко Мукаетов, направила добивка од 16, 4 милиони евра.
Но, освен производство и продажба на сопствени лекови, тука е и нејзината фирма ќерка веледрогеријата АЛКАЛОИД КОНС, каде минатата година се направени приходи од 22,4 милиони евра и добивка од 482 илјади евра. Во веледрогеријата задолжена за соработка со странски компании и склучување на договори за застапништво на илјадници фармацевтски производи од светски ранг работат 40 луѓе. Таа е меѓу деветте веледрогерии што во земјава имаат најголеми приходи и добивки.
ЗЕГИН НАЈГОЛЕМА, МАКЕДОНИЈА ЛЕК НАJПРОФИТАБИЛНА ВЕЛЕДРОГЕРИЈА
Фармацевтската фирма ЗЕГИН во сопственост на семејството Механџиски го држи приматот на најголема веледрогерија со оглед на приходите кои се свртеле во неа во текот на минатата година, додека по однос на добивката веледрогеријата е најдолу на листата на деветте најголеми и најуспешни во овој бизнис.
Компанијата што се занимава со внатрешна и надворешна трговија на лекови, медицински помагала, дететски и козметички производи, лани имала приходи од 65, 6 милиони евра. Зегин располага со повеќе од 120 аптеки во земјава а лани во оваа компанија од фармацевтскиот сектор работеле 181 човек. Но, оваа веледрогерија според висината на остварената добивка е најдолу на листата од деветте веледрогерии со најголеми добивки, односно лани има добивка во износ од околу 32 000 евра.
Во трка со ЗЕГИН по однос на приходите е МАКЕДОНИЈАЛЕК, но оваа веледрогерија има најголема добивка и во текот на минатата година.
Фармацевтската компанија МАКЕДОНИЈАЛЕК , која се смета дека е една од првите приватни веледрогерии во земјава, го држи второто место според висината на приходите кои лани биле во износ од 51 милион евра. Во оваа веледрогерија, која раполага со распространета дистрибутивна мрежа до аптеките, но и до јавните и приватните здравствени организации, лани имало 134 вработени. Добивката на Македонијалек во текот на минатата година изнесува 1,3 милиони евра, односно тоа е најголемата направена добивка во овој бизнис во текот на минатата година.
По однос на остварената добивка во трка со МАКЕДОНИЈАЛЕК е веледрогеријата Д-Р ПАНОВСКИ, која има втора најголема добивка во текот на минатата година иако по однос на приходите е најдолу на листата на деветте најголеми и најуспешни веледрогерии.
Ова Акционерско друштво за производство на лекови и медицинска опрема минатата година има добивка од 1,3 милиони евра. Низ рацете на 60 вработени колку што имало лани, се свртела сума од 17,4 милиони евра колку што изнесувале приходите на веледрогеријата.
Веледрогеријата ФЕНИКС ФАРМА, во 2010 година станува дел од групацијата PHOENIX – основана пред повеќе од 20 година. Лани во оваа веледрогерија за фармацевтски производи, каде имало 82 вработени се свртела сума од 42,2 милиони евра, со што компанијата е на третото место по однос на остварените приходи во овој бизнис. Минатогодишната добивка изнесувала 55 200 евра.
Феникс фарма и сите останати веледрогерии од оваа листа имаат по помалку од сто вработени и сите, освен АЛКАЛОИД КОНС, се од групата на големи фирми.
Веледрогерија ЕУРО – ФАРМ лани, направени се приходи од 37,3 милиони евра, со што е рангирана на четвртото место по однос на остварени приходи во овој бизнис.
„Развојниот пат на оваа компанија започнува на 9 декември 2000 година во Скопје со материјализирање на полетниот ентузијазам, продуктивното визионерство, зацртаните цели, посветеноста, истрајноста и знаењето на Татјана Стерјева, дипломиран фармацевт и магистер по менаџмент на човечки ресурси, и нејзиниот тим, како продолжение на успешната приказна којашто започна две години претходно со отворањето на првата од ланецот аптеки со потписот на овој бренд“, е наведено на нивниот интернет сајт.
Во Еуро-фарм просечниот број на вработени лани изнесувал 99. А компанијата минатата година прави добивка од 860 000 евра, што е четвртата најголема добивка во бизнисот со веледрогерии.
Воедно Еурофарм е единствената веледрогерија меѓу десетте најголеми и најуспешни што не е од Скопје.
ЕУРОЛЕК компанија која е основана во 1996 година и во почетокот работи со пет лица, лани имала 51 вработен. Во оваа веледрогерија што на пазарот во земјава е етаблирана преку увоз и дистрибуција на фармацевтски производи, минатогодишниот приход изнесувал 24,3 милиони евра. Со овој приход компанијата е рангирана на петто место на листата на веледрогерии со најголеми приходи, а по однос на добивката која изнесува 900 илјади евра е рангирана како компанија со трета највисока добивка во овој бизнис. Односно, добивката на Еуролек е веднаш зад добивката што ја има направено веледрогеријата Д-Р Пановски.
Словенечката КРКА која почнува да работи во 1954 година своето претставништво во Македонија го отвара во седумдесетите години. Производството на лекови се одвива во Словенија, Полска, Руската федерација, Хрватска и во Германија, а останатите претставништва надвор од Словенија се занимаваат со маркетинг и продажба на препаратите.
Лани, во КРКА-ФАРМА која е една од деветте водечки веледрогерии во земјава работеле 40 луѓе а низ нивни раце се свртеле 22,2 милиони евра приходи, додека добивката е 643 илјади евра.
Веледрогеријата ПРОМЕДИКА основана со приватен капитал во 1996 година, од основачот и генерален директор Ристо Лузевски е се наоѓа на листата од девет веледрогерии со највисоки остварените приходи и добивки во оваа дејност.
Односно, лани направен е приход од 19,4 милиони евра во ПРОМЕДИКА. Во оваа компанија, која под своја закрила освен медицински и естетски центар и аптеки, има и веледрогерија која е партнер на реномирани мултинационални компании од областа на фармација, медицината и стоматологија, лани работеле 92 луѓе а добивката била во износ од 346 000 евра.
Прочитај и: Во десет најголеми автосалони се свртеле 225,2 милиони евра
Извор на податоци: „БизнисМрежа.Мк“.
Анализа на податоци: Таргет Груп