
Нови партнерства, полесен пристап до пазари и посилно деловно поврзување меѓу Западна и Југоисточна Европа се во фокусот на две меѓународни бизнис-иницијативи што ќе се одржат во ноември, а во нивната подготовка е вклучена и Стопанската комора на Северна Македонија.
Претседателот на Комората, Бранко Азески, престојуваше во Брунен, Швајцарија, каде што учествуваше на работна средба посветена на подготовката на конференциите „Business Club West and South East Europe“ и „Private Label“.
Првата конференција ќе се одржи од 6 до 8 ноември во Брунен, а нејзината цел е формирање бизнис-клуб што ќе ги поврзува компаниите и деловните лидери од Западна и Југоисточна Европа.
Иницијативата е поддржана од Здружението на српски стопанственици во Швајцарија, предводено од бизнисменот Стојан Стевановиќ, како и од Adriatic Business Academy, чиј директор е Милијан Димитријевиќ.
Замислата е да се создаде постојана платформа преку која компаниите ќе можат да воспоставуваат директни контакти, да разменуваат искуства и знаења и да отвораат можности за нови деловни партнерства.
На средбата се разговарало и за организацијата на меѓународната конференција „Private Label“, која ќе се одржи на 16 и 17 ноември во Белград, во соработка со Adriatic Business Academy.
Во фокусот на оваа конференција ќе бидат развојот на трговските марки и предизвиците што ги создаваат нетарифните бариери во регионалната и меѓународната трговија.
Организаторите очекуваат двете иницијативи да придонесат за подобро поврзување на бизнис-заедниците, поинтензивна размена на информации и создавање конкретни можности за компаниите што сакаат да настапуваат на нови пазари.
Со подготовката на конференциите во Швајцарија и Србија продолжуваат напорите за поголема регионална економска соработка и за претворање на деловното вмрежување во конкретни проекти и партнерства.
Аналитика








