„Безбеден град“ не треба да биде причина да возиме внимателно само затоа што можеме да бидеме санкционирани, треба да биде потсетник дека внимателното и одговорно однесување е наша лична и општествена обврска
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Министерството за внатрешни работи и општинските совети за безбедност на сообраќајот, започна превентивна кампања посветена на системот „Безбеден град“. Фокусот е на информирање на возачите и другите учесници во сообраќајот за начинот на кој функционира системот, прекршоците што ги регистрира и обврските на оние што ќе бидат евидентирани.
Од РСБСП посочуваат дека „Безбеден град“ треба да донесе поефикасна, пообјективна и понеселективна контрола на сообраќајот, со поголема употреба на техничко-технолошки решенија.
„Безбеден град“ претставува значаен исчекор кон современ, поефикасен и пообјективен систем на контрола на сообраќајот, во кој примената на современите техничко-технолошки решенија придонесува за навремено откривање на однесувањата со кои се загрозува безбедноста на патиштата.
Системот засега овозможува регистрирање на повеќе видови прекршоци – меѓу нив пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување со истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Од РСБСП најавуваат дека опфатот на прекршоците во иднина може дополнително да се проширува.
Според Советот, технологијата треба да го намали влијанието на човечкиот фактор при откривањето и документирањето на прекршоците и да обезбеди поголема објективност во постапувањето.
„Целта, сепак, не е да се санкционираат што е можно поголем број возачи. Целта е што помалку прекршоци, што помалку сообраќајни незгоди и што повеќе спасени човечки животи.“
Кампањата ќе има и практичен дел – на граничните премини при влез во земјава возачите, вклучително и оние со странски регистарски ознаки, ќе добиваат информации и едукативни материјали за „Безбеден град“ и правилата што треба да ги почитуваат.
Од РСБСП нагласуваат дека системот не треба да биде причина возачите да внимаваат само затоа што можат да бидат казнети.
„Безбеден град“ не треба да биде причина да возиме внимателно само затоа што можеме да бидеме санкционирани, туку потсетник дека внимателното и одговорно однесување е наша лична и општествена обврска.
Пораката на кампањата е едноставна: системот може да го регистрира прекршокот, но одлуката да не го направиме ја носиме ние.
„Почитувајте ги правилата. Почитувајте ги сообраќајните знаци. Почитувајте ги другите учесници во сообраќајот. Со заедничко, одговорно и дисциплинирано однесување можеме да создадеме побезбедни улици, побезбедни градови и побезбедни патишта“, апелира РСБСП до сите учесници во сообраќајот.
Аналитика








